Современ спортски комплекс расте крај Крива Река

Модерен спортско-рекреативен комплекс наскоро ќе добијат кривопаланчанци, во чија изградба се инвестираат околу еден милион евра. Работите за изградбата се во завршна фаза и се очекува за претстојната сезона, во април-мај, тој да биде пуштен во употреба. Новиот комплекс ќе располага со спортска сала, тениско игралиште, повеќенаменско игралиште, а ќе се санира и ќе се доопреми и постојниот фудбалски терен. Предвидено е и партерно уредување со придружни објекти и содржини.

– Kрива Паланка од град без никакви услови за развој на спортот ќе добие современ спортско-рекреативен комплекс, со кој и понатаму ќе се поддржуваат и ќе се поттикнуваат разни спортови. Интензивно се работи на финализација на работите и наскоро новиот комплекс ќе биде пуштен во употреба – истакнува градоначалникот Арсенчо Алексовски.

Најголем дел од инвестицијата за спортските објекти, односно околу 800 илјади евра, се обезбедени од Владата и од Агенцијата за млади и спорт, а преостанатите средства се обезбедуваат од општината.

– Тениското игралиште веќе целосно е завршено, а во финална фаза е изградбата на салата со површина од 1.273 квадратни метри и капацитет од 400 седишта, односно преостанува уште поставувањето специјална подлога според меѓународни стандарди. Продолжува и изградбата на повеќенаменското игралиште, а општината планира и санација и доопремување на постојното фудбалско игралиште со изградба на трибини, атлетска патека, помошни и придружни објекти. Целиот комплекс, пак, ќе биде и партерно уреден – вели Никола Граматиков, советник за уредување градежно земјиште.

Градоначалникот Алексовски најави дека ќе се реши и проблемот со веќе започнатата спортска сала кај мотелот „Македонија“, која поради спор околу корисничкото право, повеќе од една деценија стои недовршена и запуштена.

– Штета е што оваа сала толку години стои неупотреблива, но со изработката на новиот ГУП и овој проблем ќе биде решен. Таа веќе е влезена во програмата на Агенцијата за млади и спорт и е предвидено до 2015 година да биде целосно доизградена. Со тоа Kрива Паланка ќе добие две спортски сали, кои ни се потребни затоа што имаме повеќе успешни спортисти, кои веќе се дел од македонските репрезентации и имаат освоено вредни награди на домашните и на меѓународните натпревари – вели Алексовски.

Извор: Дневник

Големина на фонт
Контраст