Меѓународна изложба на уметничка фотографија

Универзалноста на погледот на душата, претставен низ уметничката фотографија, успеа да обедини огромен број на фотографи од целиот свет, кои учествуваат на Меѓународната изложба „Соул 2013 “, поставена во галерискиот простор на Центарот за култура од Крива Паланка. Изложбата е во организација на Фото кино клубот „Види“ од Крива Паланка, во соработка со Фото кино клубот „Козјак“ од Куманово и кривопаланечкиот Центар за култура, а е во рамките на манифестацијата Крива Паланка – Град на културата 2013.

Оваа фотогалерија на бројни дела, која, впрочем,  е прва манифестација на новоформираниот клуб „Види,“ уште на самиот старт од неговата работа оствари своевиден рекорд со досега незапамтениот интерес на светските фотографи за овој меѓународен конкурс, кој успеа да ги добие сите патронати од најпрестрижните меѓународни асоцијации за фотографија.

– На конкурсот пристигнаа над 5000 фотографии од 520 автори од дури 64 земји, што е вистинска реткост во светски рамки.Презадоволни сме и горди на овој огромен успех , кој уште на стартот на самото основање не лансираше на светската фотографска сцена. На изложбата се поставени околу 80 фотографии, а од бројните дела наградени се 67, за кои признанијата ги обезбедија светските фотографски организации, односно FIAP, IAAP, UPI, ISF и Фото сојузот на Македонија. Селекцијата и изборот, пак, го направи меѓународно жири составено од мајсторите на фотографија Драгослав Мирковиќ и Зоран Ѓорѓевиќ од Србија и Бурак Сенбак од Турција, истакнува Горан Цветковски, претседател на „Види“.

На фотографиите се обединети културните специфики од земјите од целиот свет, кои го долувуваат уметничкиот израз низ фокусот на душата и преку запрениот миг на публиката им ги презентираат животните приказни на различните животи.

-Без разлика од која земја пристигаат фотографиите, секоја од нив има своја светлина на духот, а секој од авторите има дадено дел од својата душа во нив, потенцира Ѓорги Костовски, фотограф и еден од соновачите на кривопаланечкиот фото кино клуб.

Фотографиите се селектирани во три тематски категории- мажи,жени и деца, а за наградените се обезбедени златни, сребрени и бронзени медалји и дипломи.

-Иако ова е прва изложба на клубот „Види“, таа е  меѓу 10-те најдобри во светот и по квалитет и по бројност. Ретко која изложба во светот успеала да предизвика интерес кај авторите од толкав број држави, што е своевиден рекорд не само во Македонија, туку и многу пошироко. Поточно, ниту една манифестација во нашата земја од било каков вид не собрала претставници од толку многу земји, нагласува Владимир Јовановски, претседател на ИААП од Швајцарија.

Јаневски, кој воедно е и претседател на најстариот Фото клуб во Македонија, „Козјак“ од Куманово,кој досега реализирал бројни изложби и освоил вредни и високи награди на меѓународната фотографска сцена, а само годинава планира 12 изложби, сепак признава дека кривопаланечката изложба го урнала и нивниот рекорд. Во своето 65 годишно постоење, тие досега имале фотографски дела од најмногу 62 земји.Сепак, како фото клуб со огромно искуство во светски рамки, особено се горди на неодамнешниот успех на нивниот член Марјан Јаневски, кој ја добил титулата Артист на ФИАП, која досега во Македонија единствено ја има добиено само покојниот доајен на македонската фотографија Живко Јаневски.


Големина на фонт
Контраст