Нова лична карта на градот

Стручни лица ќе изготвуваат проекти и нови урбанистички решенија, а преку доброволна основа , сопствени инвестиции, искуство и позиции, ќе го креираат планскиот и економски развој на општината.

Околу 50-тина архитекти и градежни инжинери од земјата и од странство, кои потекнуваат од Крива Паланка, ќе направат нова лична карта на градот, како свој прилог  во решавањето на урбанистичките проблеми и новиот функционален и модерен изгглед на општината.
Тие ја прифатија иницијативата *Крива Паланка ве повикува- одбележете го своето постоење во својот роден крај*, на градоначалникот Арсенчо Алексовски,  со која ќе придонесат во креирањето на планскиот и  урбаниситчки развој на градот. Секој од својата специјалност и професионално искуство, ја понуди својата соработка на средбата во манастирот *Свети Јоаким Осоговски*, организирана по покана на градоначалникот, а стручните лица се подготвени  да помогнат и со сопствени инвестиции, доброволно учество и лобирање кај надлежните институции.

 -Сите професионалци од оваа област се повикани да направат проект или градба со која ќе се креира новата архитектонска слика на градот. Најдобриот проект или објект , кој ќе биде избран од стручњаците, ќе го носи името на проектантот или градителот, со што тој ќе остави траен белег во својот роден крај, а тоа нема цена, истакна градоначалникот Алексовски.
 За да помогнат во новото урбанистичко-архитектонско креирање на локалната заедница, беше формирано координативно тело и изнесени идеи и насоки за преземање на конкретни активности.

 -Сега сме на почетокот и треба да тргнеме од мртва точка за да го направиме она што му недостига на градот. Најпрвин треба да се обезбедат неопходните плански документи, а понатаму ќе биде лесно преку сопствениот ангажман, аплицирањето до расположивите фондови и заедничка работа да го создадеме новиот лик кој му треба на нашиот град, рече Жаклина Величковска-Ангеловска, поранешен директор на Државниот инспекторат за урбанизам и член на Координативното тело.
Стручњаците се едногласни дека најпрвин треба да се решат основните урбанистички проблеми со кои долги години се соочува градот. Бидејќи Крива Паланка е единствена општина која се уште нема соодветна планска документација, заради досегашниот проблем со железницата од Коридорот 8, според нив, основна задача е  најпрвин да се обезбедат неопходните урбанистички документи. Потоа ќе се зафатат со проектирање на одделни локалитети и утврдување на стратешките приоритети, според предностите што ги нуди подрачјето, а кои ќе овозможат и економски развој на општината.

 -Овде има извонредни услови за развој на селскиот туризам и негово поврзување со повеќе други видови на туристички развој, кои можат да дадат ефикасна целина. Идеално место за туристичко село е урбанизацијата на селото Дурачка Река, изградбата на браната на Станечка Река и нивно поврзување со зимскиот туризам, преку жичара до Царев Врв.  Подготвени сме со сопствени инвестиции да партиципираме во ова урбанистичко уредување, го истакна својот предлог градежниот инжинер Насе Марковски.

 Координативното тело ќе работи континуирано и ќе бидат формирани работни групи по специјалности, за да може секој од својата област ќе дадат придонес за новите урбанистички решенија за градот.                                                                 

Жаклина Цветковска
 

Големина на фонт
Контраст