Презентиран проектот за уредување на кејот на Крива Река

Нa 13.02.2013 г. во просториите на Општина Крива Паланка фирмата  Параметар ДООЕЛ Скопје, пред Градоначалникот Арсенчо Алексовски и медиумите го презентирше  изготвениот основен проект за регулација на минор коритото  и партерно уредување на мајор коритото на Крива Река-втор дел.Предмет на работа на овој проект е уредување на кејот на Крива Река, како и регулирање на минор коритото во должина од 2800м и тоа во потег од бензинската пумпа па се до градскиот базен. Целата должина на кејот во овој проект е поделена на 4 дела заради полесно согледување, како и работа на терен.

Во овој проект е опфатен средишниот дел од течението на реката, кој всушност го опфаќа централното градско подрачје, како и вливањето на Дурачка Река во Крива Река.

Најважно е дека со овој проект се уредува минор коритото кое е проектирано да биде со димензии 10 м. ширина, 1 м. длабочина и тоа со коси странични ѕидови и природно земјано дно.Со овој проект се решава и проблемот со постоечките слапови преку поставување и поделба  на каскади од бетонски ѕитчиња со фундаменти и базени со вода помеѓу нив,како и коса рампа на средината.

По  течението на целата река се предвидени пешачки мостчиња од армирано-бетонска конструкција и метална ограда и скали од бетонска констрикција со ширина од 1,5 м. за качување од мајор коритото горе на тротоарот. Со проектот, практично се уредени двата брега по целото течение на овој опфат, предвидени се пешачки патеки и разни други содржини како што се: игралиште за одбојка на песок, детско игралиште, пергола со клупи за седење, мал амфитеатар со плато за разни приредби, трим велосипедска патека, места за поставување на справи за вежбање, игралиште за мини голф, фонтана со водоскок, разни помали и поголеми проширувања на минор коритото, хортикултурно  уредени, подигнати кружни земјени маси и сл.

Целиот слободен простор во овој потег е затревнат и богато хортикултурно уреден со ниско зеленило и леи со цвеќе. Исто така предвидена е урбана опрема: клупи , канти за отпадоци,чешми за пиење вода, канделабри за осветлување на целиот крај, како и градинарски хидранти за полевање.

Акцент е ставен на местото на вливот на Дурачка Река и истиот е направен преку слапови, а на левата страна предвидени се тераси каскадно поставени на кои е предвидено да се лоцира  кафетерија со убав поглед. Вака уредениот дел од кејот ќе даде друг лик на градот, шеталиште, многу нови содржини за разонода, спорт и рекреација за граѓаните од сите возрасти.

Градоначалникот Алексовски на презентацијата истакна дека Општина Крива Паланка планира со овој проект да аплицира на третиот повик од  ИПА Програмата за прекугранична соработка помеѓу Р. Бугарија и Р. Македонија.