Воведени две смени во ЈП „Комуналец“

ЈП „Kомуналец“ од Kрива Паланка воведе двосменско работење за поефикасна наплата на долговите за вода и за ѓубрарина. Kомуналците сметаат дека со работата во попладневните часови ќе успеат да го зголемат процентот на наплата од големиот број должници, кои подолг период ги немаат намирено своите сметки.

– Наплатата се реализира со 60 до 70 проценти и правиме напори да ги зголемиме можностите за намирување на заостанатиот долг. Имаме околу 7 милиони денари ненамирени сметки за потрошена вода и за ѓубрарина од правни и физички лица, што е рамно на 6-месечни плати за вработените. Некои од потрошувачите имаат долг и од 40 до 50 илјади денари – истакнува директорот на „Kомуналец“, Томе Тодоровски.

Тој посочува дека комуналното претпријатие овозможува и склучување спогодби со должниците, во зависност од висината на долгот и нивната имотна состојба, за да не дојде до нивно исклучување од водоводната мрежа.

– Најпрвин испраќаме опомени за заостанатиот долг, а потоа и опомени за исклучување. Ако и ова не даде ефект, принудени сме да вршиме исклучувања и одиме со опомени пред тужба и дури на крајот со тужби по судски пат. Правиме се и им даваме повеќе можности на потрошувачите за да не бидеме во состојба да применуваме непопуларни мерки, како што се исклучување од системот и тужби – вели Тодоровски.

Поради овие причини, воведено е двосменското работење, како што велат во „Kомуналец“, за да им се даде време на должниците да ги намират обврските во попладневните часови доколку се зафатени со работни обврски во текот на првата смена.

Извор:Дневник

Големина на фонт
Контраст