Министерот Кралев во посета на Домот за ученици „Боро Менков“

Министерството за образование и наука во идната буџетска година ќе инвестира во реконструкција и проширување на капацитетите на ученичките и студентските домови, за да се подобрат условите за престој, но и да се излезе во пресрет на барањата за сметување на учениците, најави министерот Панче Кралев, при  посетата на Домот на ученици „Боро Менков“ во Крива Паланка, по повод завршената реконструкција на оваа установа со средства од министерството.

– Проблемите со сместување на учениците во домовите е еден од аспектите за нивна реконструкција и зголемување на капацитетите.Факт е дека во одредени градови, како на пример Скопје, каде има голем избор на училишта, има и многу голем прилив на ученици од останатите општини, заради што се бара место повеќе во домовите. Освен во Скопје, потреба за зголемување на капацитетите има и во Штип и Битола. Заедно со локалните самоуправи работиме на планови за реконструкција и проширување на овие установи – истакна Кралев.

Тој посочи дека Министерството за образование има посебна програма за инвестирање во ученичките и студентските домови и дека во моментот се врши евалуација на барањата, по што наскоро ќе се објави кои домови ќе бидат опфатени со програмата за новата буџетска година.

– Веќе е извршена реконструкција на студентскиот дом „Стив Наумов“, најавена е реконструкција на „Гоце Делчев“, а континурано ќе продолжиме и со вложувања за осовременување на условите во останатите ученички домови во државата – рече Кралев.

Тој изрази задоволство од извршената реконструкција во Ученичкиот дом „Боро Менков“ од Крива Паланка, за која министерството инвестираше околу 2,5 милиони денари. Нагласи дека е создадена модерна установа со многу подобри услови за сместување, воспитување и образование на учениците. Вложувањата во оваа област, пак, според него, се процес кој континуирано ќе трае.

Извор: Дневник

Големина на фонт
Контраст