Грант од Кралството Норвешка

Kрива Паланка ќе добие градска уметничка галерија со современ изложбен простор, како место за популаризација и промоција на уметноста и културата. Новиот галериски простор е дел од проектот „Уметност без граници-основање на Градска уметничка галерија“, кој финансиски е поддржан од Kралството Норвешка.

– Вкупната вредност на проектот изнесува 52.000 евра, од кои 10 отсто се учество на Општината, а останатите се обезбедени од норвешката донација. Договорот го потпишавме со амбасадорот Нил Рајнар Kамсваг во Амбасадата на Норвешка во Белград, каде што се одржа и обука за правилата околу имплементирање на проектите – вели градоначалникот Арсенчо Алексовски.

Галеријата ќе биде сместена во зградата на Градскиот музеј. Проектот предвидува реконструкција на приземјето на западното крило на овој објект и негова адаптација во уметничка галерија, која ќе има простор од околу 100 квадратни метри. Од локалната самоуправа истакнуваат дека со отворањето на галеријата се создаваат можности за изложба на делата од традиционалните културни манифестации, кои секоја година се одржуваат во манастирот „Свети Јоаким Осоговски“, како и за нови уметнички презентации.


– Реконструкцијата на објектот треба да биде завршена до јуни идната година, а во меѓувреме Општината ќе формира и стручно-консултативен тим како советодавно тело за галеријата да биде направена според модерни и современи стандарди, кои ќе одговараат на различните видови уметнички и културни промоции. Во рамките на проектот ќе се реализира и манифестацијата „Лето на уметност и култура“. Во новата галерија ќе бидат организирани 16 одделни настани, меѓу кои и дел од веќе постојните и традиционални манифестации во општината – истакнува в.д. директорот на Градскиот музеј, Драган Величковски.

Градската галерија ќе биде место кое ќе биде достапно за изложување на сите уметнички продукти што се создаваат во општината и во регионот.

– Галерискиот простор ќе биде отворен за изложба на делата од Меѓународната ликовна колонија, Kопаничарската колонија и за Интернационалната летна школа по архитектура, кои со години се организираат во Осоговскиот манастир. Наместо делата да стојат во депоа, далеку од очите на јавноста, тие ќе бидат поставени и презентирани во соодветен простор, каде што ќе бидат достапни за сите заинтересирани посетители. Не е исклучена можноста и за поставување продажни изложби во одредени слободни термини – вели Алексовски.

Покрај оваа поддршка, од Kралството Норвешка досега се добиени грантови и за отворање на продавницата за сувенири и за староградската постојана поставка во Градскиот музеј.

Извор:Дневник

Големина на фонт
Контраст