Општина Крива Паланка превзема чекори за развој на локалитетот Калин Камен

Општина Крива Паланка во последните години прави огромни напори за развој на туризмот и одржливо искористување на природните ресурси во функција на локалниот економски развој. На туристичката мапа на градот покрај манстирот Свети Јоаким Осоговски, испосницата на светецот во с.Градец, која неодамна беше уредена со средства од ИПА програмата за прекугранична соработка,  Градскиот Музеј, свое место треба да заземе и Калин Камен како еден од најатрктивните локалитети за развој на туризмот во регионот.

Иако локалитетот Калин Камен е атрактивен и располага со компаративни предности за прераснување во препознатливо туристичко место, денеска е недоволно развиен. Во таа насока Општина  Крива Паланка, на предлог на градоначалникот г.Арсенчо Алексовски,  преку Советот на Североисточниот плански регион поднесе апликација за изработка на Студија за Ски- центар Калин Камен до Бирото за регионален развој.

Основна цел на студијата е дефинирање и синтетизирање на развојните аспекти за зимски туризам на овој локалитет. Со студијата се предвидува да се изврши евалуација на можностите за негов развој. Истата ќе го дефинира реонот каде е можен развој на зимскиот туризам, сите технички елементи неопходни за еден успешен ски-центар, релјефните можности за изградба на скијачки патеки со соодветна инфраструктура (разни видови жичари, ски -лифтови), а врз основа на климатските услови ќе се дефинира потребата од систем за создавање на вештачки снег, неопходната опрема за одржување на патеките, безбедносни и стандарди за квалитет, институционалната структура за управување, како и сместувачките и капацитетите за забава.

Од економски аспект ќе се изврши анализа на пазарот, со дефинирање на можниот број на туристи, односно идентификување на можностите за нивно привлекување. Ќе се определи економската вредност на локалитетот како скијачки центар преку дефинирање на пазарните индикатори, потребните инвестициски средства, бизнис-проекции како и социо-економска анализа на истите.

Изработката на студијата претставува основен чекор во планирањето на просторот и неговото уредување, а секако ќе претставува и одлична основа за добивање на финансиски средства од фондовите на ЕУ за развој на локалитетот.

Прилог: Изработка на Студија за развој на СКИ-центар Калин Камен на Осогово со идејно решеније

Големина на фонт
Контраст