Новогодишна работилница во ученичкиот дом „Боро Менков“

Во ученичкиот дом „Боро Менков“ Крива Паланка се чувствува предновогодишно расположение.

[embpicasa id=”5823651700977727505″]

Годината што истекува на сите во домот им донесе многу радост. Со реконструкцијата на објектот и подобрените услови во домот младите имаат голема желба годината да ја испратат весело, а Новата Година да ја дочекаат со забава во новите простории за учење и одмор.

Учениците го украсија реновираниот хол со елка, а во вечерните часови во вторникот, спроти големиот верски празник Свети Никола, се одржа интересна работилница на која учениците изработија украси за просториите, снегулки и звездички. Работилницата ја водеа волонтери од Мировниот Корпус, Линда, Мишел и Џастин. На оваа работилница беа презентирани четири интересни уметнички активности и тоа изработка на два вида оригами украси, ѓердани и ленти од пуканки и изработка на колачиња. Од најмалите дечиња, првачињата, па се до средношколците кои се пред матура, како и вработените во домот, со умешност и задоволство сечеа и превиткуваа бела и црвена хартија која потоа ја наросија со златен прашок. Сите направија по некоја лента од пуканки, а најголем предизвик за сите беше месење и вадење со калапи за колачиња во форма на мали елки и животни. Печењето и заедничкото боење на колачињата со крем и шеќер во најразлични бои беше активност во која децата ги покажаа своите вештини и креативноста.

Како што објаснија волонтерите, овие активности се дел од традицијата на американскиот народ за време на Божиќните празници кои во католичката религија започнуваат со славење на Божиќ на 25 декември. Учениците исто така ги запознаа гостите со обичаите за Нова Година и Божиќ во нашиот крај.

Со новогодишните украси учениците ја украсија занималната и холот, а на крајот на работилницата, со топол чај, колачиња и пуканки сите учесници разговараа за тоа што им беше најинтересно и најзабавно на работилницата. По заедничките фотографии во пријателско расположение и со желби за успех и среќа во новата година учениците се разделија со волонтерите се до наредната средба.

Големина на фонт
Контраст