Крива Паланка ќе го реализира барањето на граѓаните за изградба на градска капела

ЈП „Kомуналец“ од Kрива Паланка почна со изградба на градска капела на новите гробишта во село Kонопница. Изградбата на овој објект е по долгогодишно барање на граѓаните. Kомуналното претпријатие целосно го реализира проектот од сопствени средства.

– Претходно инвестиравме во изработка на потребната техничка документација и веќе почнавме со работите за изградба на капелата. Земјените работи веќе се завршени, а во зависност од временските услови натаму ќе продолжиме и со градежните активности. Предвидено е да се изгради објект според сите стандарди, кои ќе ги задоволуваат потребите за погребалните услуги и достојно погребување на покојниците според православните обичаи – истакнува директорот на „Kомуналец“, Томе Тодоровски.

Градската капела ќе биде лоцирана на влезот на новите гробишта и ќе зафаќа површина од околу 175 квадратни метри, заедно со влезните тремови. Предвидени се два помошни влеза, комора, простории за прием, за свештениците и други придружни простории, како и пристап за хендикепирани лица.

– Според првичните пресметки за изградба на овој објект потребни се околу 7,8 милиони денари. Тие ќе се инвестираат од сопствениот буџет на комуналното претпријатие, зависно од приливот на средствата. Сами ќе ги изведуваме и градежните работи, односно за оваа намена ќе бидат ангажирани вработените од градежната екипа, така што целосната реализација ќе ја спроведеме со сопствените расположливи ресурси – вели Тодоровски.

Тој најави и санација на помошните објекти и пристапите на старите гробишта во градското подрачје. Истовремено, ќе се решава и проблемот со запуштените и заборавени гробни места, преку контактирање на наследниците или нивно повторно издавање заради соодветно одржување на овој локалитет.

Извор: Дневник

Големина на фонт
Контраст