Kрива Паланка со помалку пари ќе го чисти снегот

Зимското одржување на патиштата и на улиците во Kрива Паланка годинава ќе биде поевтино отколку во претходните години. Според новите услови, кои вклучуваат аукциско наддавање, избран е најповолен понудувач на услугите, кои се поевтини од претходните години.

– Според програмата, за зимско одржување на локалната патна инфраструктура годинава се предвидени 2,3 милиона денари. На аукцијата најповолна понуда даде фирмата „Мијоли“, на која ќе и бидат исплаќани средства во зависност од извршените услуги за кои ќе се јави потреба. Се надеваме дека нема да се повтори минатогодишната зимска сезона и дека овие средства ќе бидат доволни за одржување на градските улици и локални патишта – вели градоначалникот Арсенчо Алексовски.

Патната инфраструктура во зимски услови ќе се расчистува со 4 машини од страна на фирмата „Мијоли“. Во рамките на подготовките за снежните навеви Општината веќе направи договор и со ЈП„Македонијапат“ и претставниците на МВР за што поефикасно одржување на локалните и на регионалните патни правци според утврдени приоритети.

Општината апелира и до граѓаните да ги расчистат јавните површини од складирани дрва и друг материјал за да може непречено да се одвиваат активностите за зимско одржување на улиците.

Извор: Дневник

Големина на фонт
Контраст