Општина Крива Паланка ќе гради улици со пари од Министерството за финансии

Министерството за финансии и додели на општина Крива Паланка заем во вредност од 51,6 милиони денари за изградба и реконструкција на улици во градот, како и набавка на нова опрема за јавни услуги.Со обезбедените средства општината ќе изврши реконструкција на девет постојни улици во градот, како и изградба на мост на локалитетот Куков Дол.

Со реконструкцијата на улиците „Никола Тесла“, „Никола Тесла-лев крак“, „Дивјанска“, „Пиринска“, „Биљинска“, „Осоговска (два крака)“, „Наско Тамбурков“, „Климент Охридски“ и „Горан Стојановски“ директна корист ќе имаат околу 1.000 граѓани на Крива Паланка кои живеат на тие локалитети.

Исто така за потребите на јавното претпријатие „Комуналец“ во Крива Паланка ќе се обезбеди специјализирана градежна механизација за отстранување на дефекти во водоводната мрежа. Од средствата кои и се доделени на општината ќе се набави и машина со опрема за чистење снег.

Условите на заемот се исклучително поволни – каматна стапка од шетсемесечен ЛИБОР (која во моментот изнесува 0,9%) и рок на отплата од 13 години со вклучен грејс период од 3 години.

Овие средства се дел од „Проектот за подобрување на општински услуги“ со кој Владата на Република Македонија од Светска банка обезбеди 50 милиони долари за помош на општините. Досега се склучени 26 договори во рамки на овој проект со 24 општини.

Извор: http://www.finance.gov.mk
Големина на фонт
Контраст