Кошаркарски клуб Крива Паланка

КОШАРКАРСКИ  КЛУБ  „КРИВА ПАЛАНКА“

Кошаркарскиот клуб “КРИВА ПАЛАНКА” е основан на 30.04.2007, од страна на група млади ентузијасти, кои имаат единствена цел и визија: возобновување на кошарката во градот, нејзино унапредување и развој, како и на спортот воопшто.

Претседател на клубот е Ведран Белешковски, дипломиран професор по физичка култура, кој воедно е и тренер во истиот. Тој е носител на основната иницијатива за формирање на клубот, поттикнат од актуелната состојба на зачестени девијантни појави и потполна ерозија на моралот која завладеа меѓу младата популација во нашиот град. Неговата животна девиза гласи: само со здрава младина ќе имаме подобра иднина, тој заедно со група вљубеници во спортот успеа да ја актуализира повторно кошарката во Крива Паланка.

 Доказ за тоа се големиот број  млади членови на КК”КРИВА ПАЛАНКА”, денес веќе надежни кошаркари/ки кои се одзваа на повикот за препознавање на вистинските вредности во животот и облагородување на сопственото тело и дух со помош на спортот, т.е. кошарката.

Во рамките на клубот егзистираат повеќе екипи од различни возрасни и полови категории, кои посетуваат  редовни тренинзи за увежбување и усовршување на  основните елементи и техники  на кошаркарската игра, а за краток временски период екипите добија можност за компетитивна игра.  Имено, КК”КРИВА ПАЛАНКА” отиде чекор подалеку, формираше локална лига во кошарка наменета за млади категории во која екипите играа по групи, а на крајот, најдобрите две од својата група одиграа финални натпревари.

        Исто така, активноста на клубот се прошири и во регионални рамки, па најдобрите екипи од одредени возрасни категории гостуваа на пријателски, и друг вид  натпревари во Пробиштип и Куманово, а клубот беше домаќин на повеќе пријателски натпревари одиграни со клубови од други градови.

Идните планови на клубот опфаќаат вклучување во организиран систем на натпревари од повисок ранг т.е. вклучување во националната кошаркарска лига.

Со сите овие реализирани активности само се всади љубовта за кошарката кај младите, но главна цел на клубот е таа љубов континуирано да се негува и полева, за да расте, и расте.

Големина на фонт
Контраст