Успешно реализиран форумскиот процес во Крива Паланка

Проектот „Реконструкција на дел од главната улица Свети Јоаким Осоговски на локалитетот „Стара чаршија“ е успешно реализаран во рамките на Програмата „Форуми на зедницата“, која општина Крива Паланка ја спроведе во соработка и со финансиска подршка на Швајцарската агенција за развој и соработка и имплементирачката организација Македонски центар за меѓународна соработка (МЦМС).

Општ е заклучокот  дека целиот форумски процес, кој помина низ шест форумски сесии и фази на развивање на проектните идеи и концепти во проекти, дадени и изработени од страна на учесниците, го покажа капацитетот, ентузијазмот и огромниот интерес на граѓаните за вклучување во   одлучувачките процеси на локалната заедница. И граѓаните и локалната самоуправа, како и имплементирачката организација МЦМС, на шестата (последователна) сесија, која се одржа на 20 ноември, го изразија своето задоволство дека моделот на Форумот во заедниците даде извонредни резултати и дека треба да се применува и при проекцијата на идните програми на општината.

– Програмата Форуми во заедницата отвори нови хоризонти за соработка и директно учество на граѓаните во процесот на создавање инфраструктурни содржини, и тоа од иницијатива до нивна комплетна реализација. Многу важна придобивка е што граѓаните имаа можност, според демократски принципи, да одлучат што е најприоритетно за нивниот град и да го осознаат патот од идеја до реализација на проектите.Во текот на сите сесии бевме сведоци на  многу корисни предлози, идеи и добронамерни критики  да ја направиме Крива Паланка прекрасно место за живеење. Овде не се делевме ни по образование, ни по политичка определба, туку бевме единствени во настојувањата да го одбереме најнеопходниот, најпогодниот и во моментот најрационален проект. Во текот на форумскиот процес се слушнаа и други интересни предлози за проекти, со што граѓаните покажаа инвентивност, иницијативност и подготвеност да помагаат во трансформацијата на својот град,  истакна Милка Митовска, претседател на Советот на Општина Крива Паланка, која им се заблагодари на сите учесници за нивниот придонес и поддршка на  форумскиот процес.

Реконструкцијата на дел од главната улица на локалитетот „Стара чаршија“ беше избран како најприоритетен од повеќето предложени проекти и со консензус изгласан од страна на граѓаните- учесници во проектниот форум. Со овој проект извршено е инфраструктурно уредување на оштетениот и полн со дупки коловоз, решена е атмосферската канализација, поставено е улично осветлување, изградени се тротоари и санирани се руинираните објекти.

-Овој проект е значаен придонес во решавањето на приоритетните потреби на локалната заедница. Иако се работеше за краток период на реализација и без постоење на подземен катастар, сепак успеавме навреме и во определениот рок да го решиме проблемот со оштетениот коловоз, без атмосферска канализација, улично осветлување и со руинирани објекти. Со реконструираната  и уредена делница добивме модерен естетски изглед во делот на Старата чаршија, која има особено значење за Кривопаланчани и е една од најфрекфентните локалитети, истакна Никола Граматиков, кој како претставник од локалната самоуправа ги презентираше резултатите од реализацијата на проектните активности.

Во проектот се инвестирани вкупно 4.100.755 денари од кои  1.400.000 денари се обезбедени од Швајцарската агенција за развој и соработка, а 2.700.755 се сопствено учество на општината.

Од страна на Валентина Ангеловска од Одделението за локален економски развој, пак, беше презентирана информацијата за преземените активности во однос на препораките за приоритетните потреби и проблеми дадени од страна на граѓаните до општината. Од презентацијата можеше да се заклучи дека добар дел од препораките веќе се во тек на реализација или се планирани во идните програми на општината.

Претставниците на имплементирачката организација МЦМС истакнаа дека форумскиот процес во Крива Паланка е еден од најуспешните во рамките на програмата „Форуми во заедницата“, каде граѓаните покажале огромна посветеност, ентузијазам и ангажман во носењето на одлуки од општ и јавен интерес за локалната заедница.

Оваа програма започна во јули 2011 година, на форумскиот процес во просек учествуваа по 126 граѓани, а процесот на имплементација на избраниот проект и препораки траеше од јануари до октомври 2012 година.


Големина на фонт
Контраст