Културното наследство на нашите предци – Духовен столб на нашата заедничка европска иднина

На 22.10.2012 година во просториите на Регионалниот Историски Музеј „Академик Јордан Иванов“ во Ќустендил беше одржана прес конефенција по повод почетокот на имплементирањето на проектот „Културното наследство на нашите предци – Духовен столб на нашата заедничка европска иднина“ од вториот повик на ИПА Програмата за Прекугранична соработка. Вредноста на проектот изнесува 97.156  евра и е насочен кон искористувањето на културните ресурси.

Водечки партнер е Регионалниот Историски Музеј „Академик Јордан Иванов“ од Ќустендил додека проектен партнер е Општина Крива Паланка. Промоцијата на проектот ја отвори и водеше г. Валентин Деброчички, директор на РИМ, а на истата поздравен говор одржа градоначалникот на Општина Крива Паланка г.Арсенчо Алексовски кој истакна дека претставува големо задоволство да се работи со реномирана институција со традиција од областа на културата и културното наследство како што е Музејот во Ќустендил и дека во основа, ова претставува добар проект со кој може да се претстават и истражат културните вредности на поширокиот регион. Исто така Алексовски истакна дека со искористувањето на фондови од  ИПА Програмата, Европската Унија директно влијае врз одржувањето на добрососедските односи на двете Општини и двете држави во целина. На прес-конференцијата учествуваа проектните тимови на двата партнера.

 

Проектот трае 12 месеци во кои што е предвидено  реализирање на поголем број на активности: зацврстување на прекуграничната соработка на полето на културата преку воспоставување на нови контакти помеѓу творци од областа на традиционалните уметности од пограничниот регион и спроведување на нови заеднички културни настани и фестивали, спроведување на комплексни теренски истражувања на територијата на пограничниот регион Ќустендил – Крива Паланка и изработка на заедничка база на податоци за материјалното и нематеријалното културно наследство од пограничниот регион, подготовка и организација на дводневен фестивал на традиционалната култура во Ќустендил и Крива Паланка со ревија на традиционална облека, детски празници „Игрите на нашите баби и дедовци“ и изложби на традиционални јадења од пограничниот регион, организирање на дводневен семинар „Културно наследство без граници“ во Крива Паланка со учество на експерти од Р. Бугарија и Р. Македонија коишто работат на полето на проучување на културното наследство од пограничниот регион Ќустендил – Крива Паланка. Круна на проектот ќе претставува објавувањето на книгата-водич „По патот на легендите“.

Од особен интерес на Општината е да се реализираат и имплементираат што поголем број на проекти финансирани од Европската Унија за решавање на конкретни проблеми кои се есенцијални за развојот на Општината, меѓу кои е и развојот на културниот туризам.

Големина на фонт
Контраст