Потпишан договор за изградба на велосипедска патека во коритото на Крива Река

Денес,во просториите на Локалната самоуправа беше потпишан договор за изградба на велосипедска патека, помеѓу општина Крива Паланка, економскиот оператор  „Цвет Копани ДООЕЛ Скопје“  и надзорот „Генико“-Прилеп. Со договорот се предвидува изградба на велосипедска патека која треба да се протега во речното корито во должина од 1200 метри или поточно на потегот од спроти спортскиот комплекс или т.н. (игралиште) па се до спроти градскиот парк. При потпишувањето на договорот, изведувачот се обврза на забрзана  динамика за изведба на проектот и навремено исполнување на обврските.

Проектот е финансиран од ИПА програмата за прекугранична соработка од вториот повик, по приоритетната оска за „Унапредување на квалитетот на животот“  во делот на 2.1 ,„Искористување на природните ресурси“, и спаѓа во групата на инвестициски проекти или т.н. тврди мерки.

Проектот се имплементира заедно со Општина Ќустендил, Р.Бугарија како водечки партнер и Општина Крива Паланка како партнер од македонска страна и е во траење од 15 (петнаесет) месеци. Вкупниот буџет на проектот изнесува 495.357.68 евра од кои 248.619.06 евра за Општина Крива Паланка. Најголемиот дел од буџетот на проектот со кој располага Општина Крива Паланка или 203.173,01 евра е предвиден за градежните активности.

Освен инвестицискиот дел проектот предвидува и т.н. меки мерки кои предвидуваат ангажирање на експерт кој треба да изработи студија за заштита на природните ресурси во прекуграничниот регион, да изработи база на податоци за состојбата со природните ресурси, и предлог мерките кои треба да бидат преземени за унапредување на животната средина и истите да ги презентира во соодветна информативна кампања.

Исто така проектот предвидува и одржување на работилници под наслов  Предизвиците и перспективите на заштитата и унапредувањето на условите на животната средина во регионот “на која што е предвидено да учествуваат по 20 учесници од двете соседни држави.

Големина на фонт
Контраст