Спроведена акцијата „Македонија без отпад 2012“

На 6-ти октомври Општина Крива Паланка се вклучи во  акцијата за чистење во рамките на проектот „Македонија без отпад 2012“, организиран  од страна на Министерството  за животна средина и просторно планирање и Асоцијацијата за чиста животна средина „ Ајде Македонија“.

Во акција беа  вклучени:

  • Општина Крива Паланка;
  • ООУ„Јоаким Крчовски“;
  • ООУ „ Илинден“;
  • СОУ „Ѓорче Петров“;
  • Јавно комунално претпријатие„Комуналец“;
  • Подрачно одделение за заштита и спасување – Крива Паланка;
  • Подрачно одделение за управување со кризи – Крива Паланка;
  • Граѓани кои се заинтересирани да дадат свој придонес во реализација на активностите предвидени со оваа акција.

Во СОУ „Ѓорче Петров, ООУ „ Јоаким Крчовски“ и ООУ „ Илинден“ беа поставени собирни пунктови за собирање на стара хартија и беа собрани околу 2 метри кубни стара хартија.

Вработени во Општина Крива Паланка, времено ангажираните лица од страна на Општина Крива Паланка, вработените од ЈП „Комуналец“, вработените во Подрачното оддление за управување со кризи и вработените во Подрачното одделение за заштита и спасување учествуваа во расчистување на 5 (пет) локации во градот:

  • Дива депонија во Село Мождивњак, во близина на подрачното основно училиште;
  • Дива депонија на улица Климент Охридски  (Населба Цонев Рид);
  • Дива депонија во населба Единство;
  • Мотел Македонија и патот покрај долот кој води до манастир „Св. Јоаким Осоговски“
  • Речно корито  на Крива Река
Вкупно беа собрани околу 40 метри кубни комунален отпад кој истиот ден беше превземен од страна на ЈП „Комуналец“ и беше транспортиран и одложен на градската депонија.

Акција беше спроведена и во ученичкиот дом „Боро Менков“, каде учениците сместени во домот и вработените ја искористија акцијата за отстранување на непотребниот стар мебел, душеци и сл., кои од страна на ЈП Комуналец беа транспортирани до депонијата за отпад.

Општина Крива Паланка и понатаму активно ќе зема учество во реализирање на вакви акции за чистење, со цел подобрување на севкупната еколошка состојба во градот.

 

 

Големина на фонт
Контраст