Петар Темелковски -лауреат на театарскиот фестивал „Свети Јоаким Осоговски“

Македонскиот актер Петар Темелковски е годинешен лауреат на 4-от Меѓународен театарски фестивал „Свети Јоаким Осоговски“, кој започна во сабота  на 15 септември во Центарот за култура во Крива Паланка. За особен придонес во македонската театарска уметност и култура, градоначалникот Арсенчо Алексовски на Темелковски му ја врачи плакетата на општината, која е покровител и организатор на фестивалот.

Темелковски, кој ги има одиграно најголемите и најзначајни улоги во светската драматургија и е еден од најнаградуваните актери во Македонија, истакна дека ова признание му е особено драго и дека за него претставува особена чест и гордост. За неговото творештво зборуваше театарскиот критичар Трајче Кацаров, а Темелковски изведе дел до неговиот авторски проект „Децата на сонцето“.

Посебно беше поздравена и актерката Милица Стојанова, доајен на македонскиот театар, која како родена Кривопаланчанка е почесен гостин и редовно присуствува на сите фестивалски изданија, а беше и лауреат на првото издание на фестивалот. Темелковски истакна дека токму таа му била најдобрата партнерка во неговите драмски остварувања.

Фестивалот беше отворен со претставата „Уморни“ на Културно-креативниот центар „Акорд“ од Никшиќ, Црна Гора. Меѓу гостите од дипломатскиот кор и владини претставници, на свеченоста присуствуваше и амбасадорот на Црна Гора, Душан Мрдовиќ.

Овој меѓународен фестивал е вистински пример за добрите врски и нивното унапредување на двете пријателски земји. Посебно радува што соработката се одвива на локално ниво, помеѓу општините, кои се зближуваат преку културата, а развиваат и понатамошни блиски односи и нови облици на заедничко поврзување, истакна Мрдовиќ.

Во наредните вечери следуваат настапите на професионални театри од БиХ, Бугарија, Србија и Македонија, а фестивалот, на 22 септември, ќе биде затворен со претставата „Последните Македонци“ на Македонскиот драмски тератар од Скопје.

Извор: Дневник


 

 

Големина на фонт
Контраст