Меѓународна ликовна колонија „Свети Јоаким Осоговски“

Во манастирскиот комплекс „Свети Јоаким Осоговски“ кај Крива Паланка, од 5-15 септември ќе се одржи 26-та по ред  Меѓународна ликовна колонија, на која ќе учествуваат околу 15-тина уметници од земјава и странство. На годинешнава 10-дневна ликовна работилница заеднички ќе творат Ѓонул Нухоглу од Турција, Енес Левиќ од Шведска, Клеменс Бенгкун Соу од Јужна Кореја, Евгенија Левина и Ирина Бирјукова од Русија, Свилен Блажев, Магдалена Николова и Матеј Матеев од Бугарија, Галина Михајловна од Казахстан и Јелена Бојаниќ од Србија. Македонија, пак, ќе ја претставуваат Никола Иванов Балтон, Димитар Стојчевски, Мирослав Масин, Лазо Ѓорѓиевски и Гордана Бурзевска.

 

Колонијата се осведочи со своите естетски и вредносни резултати, одамна е присутна на светската мапа на сликарството, а денес претставува  ликовна сликописна ризница, со постојана поставка на уметнички дела во манастирската галерија. Авторите својата инспирација ја пронаоѓаат во духовноста и амбиенталниот простор на 10-вековното Осоговско светилиште, каде доаѓа до креативна конфронтација на различните култури, што, пак, резултира со различни стилски ликовни ракописи и оригинални дела. Оваа година, колонијата  ќе помине во знак на 21-годишнината од осамостојувањето на Македонија, а за сите учесниците ќе биде организирана еднодневна посета на знаменитостите во Скопје, вели Јордан Михајловски, иницијатор и координатор на Осоговската колонија.

Ликовните творци ќе работат по слободен тематски израз и ќе остават по 2 слики во богатата збирка на колонијата, која брои над 600 дела. Дел се сместени во манастирскиот комплекс и постојаната поставка на манастирската галерија, а дел се наоѓаат во Центарот за култура од Крива Паланка.

Осоговската колонија се одржува под патронат на МПЦ и со подршка на Министерството за култура, а новосоздадените дела од 26-то издание ќе бидат изложени на 15 септември во манастирскиот комплекс „Свети Јоаким Осоговски“.

Големина на фонт
Контраст