Рок спектакл на „JOY FEST“ во Крива Паланка

Вистински рок спектакл приредија учесниците на премиерното издание на рок фестивалот JOY FEST, кој се одржа на главната градска улица во Крива Паланка, во предвечерието на големиот верски рпазник Голема Богородица и во чест општинскиот празник, посветен на патронот и заштитник на градот „Свети Јоаким Осоговски“. Во одлична атмосфера и со извонреден настап на повеќе локални и македонски звезди, кривопаланчани се забавуваа, играа и пееја цели 6 часа, а сите беа презадоволни и ја поздравија иницијативата за оживување на рок сцената во градот.

На фестивалот на радоста први настапија локалните бендови Витези и Акорди, Апачи и Стоп, кои ја имаат донесено и афирмирано рок културата и првата гитара во Крива Паланка. Специјално за JOY FEST  после 40 години се собраа од земјава и странство „Витези и Акорди“, кои се втемелувачи на  рок музиката во градот во 60-тите години од минатиот век,  а после 20 години на кривопаланечката сцена настапија и членовите на групата „Стоп“, со која растеше помладата кривопаланечка генерација. Огромно воодушевување, пак, предизвикаа настапите на популарните локални бендови „Вертиго“, „Партали“, „Рефлекшн“, како и младите кумановци „ТWO PLAY“.

Младата генерација уживаше во настапот на  првиот македонски идол Иван Раденов, кој направи одлична атмосфера со својот бенд Аквариус, како и симпатичните Некстајм, кои се дружеа со бројните обожаватели и кажаа дека ова за нив е извоноредна вечер во прекрасна празнична атмосфера.

Рок спектакалот доживеа кулминација со настапот на извонредниот Бени и Нон Стоп, кој беше пречекан со овации, а публиката веднаш ја прифати неговата понуда и заедно со него пееше, играше и одлично  се забавуваше. Во текот на концертот запеа и популарниот актер Гораст Цветковски, кој беше водител на „JOY FEST.

Публиката и учесниците беа  презадоволни, како и организаторите кои ги собраа сите честитки за извонредниот рок фестивал, а тие најавија уште поголем спектакл за идната година.

 http://www.facebook.com/joyfestmk

 

Големина на фонт
Контраст