Акција за почиста Kрива Паланка

Локалната самоуправа во Kрива Паланка спроведува масовна акција за расчистување на јавните површини и на инфраструктурните објекти, кои го нагрдуваат градот и претставуваат закани од поплави. Акумулиран отпад и тревна и дрвенеста вегетација се отстрануваат од пропусти и сливници, речни корита, тротоари, одморалишта, патишта, спортски објекти.

Досега се расчистени над 30 сливници и над 20 пропусти во градот за собирање и канализирање на атмосферската вода, кои беа преполни и претставуваа закана од поплави на повеќе критични места од градот. Во урбаното подрачје расчистена е тревната вегетација, како и покрај кејот на Kрива Река, во должина од 2,5 км, потоа делницата од Осички мост до раскрсницата кон „Св. Јоаким Осоговски“, додека на патот до манастирскиот комплекс, долг 2,5 км, исчистени се сливниците и отворениот канал за атмосферска вода – вели Бранко Велиновски, раководител на одделението за инспекциски надзор.

Со акцијата е опфатено и коритото на Дурачка Река, како и делницата до индустриската зона во должина од 1,5 км. Ќе се расчистуваат и локалните патишта од вегетација, која го попречува одвивањето на сообраќајот.

Акцијата се реализира со буџетски средства од Општината, која за оваа намена привремено има ангажирано и 12 невработени лица за период од 6 месеци.

Извор: Дневник

Големина на фонт
Контраст