Удрен камен темелник за нов административно-деловен објект во Крива Паланка

Современ административно-деловен објект од околу 1000 метри квадратни  ќе се гради во Крива Паланка и ќе биде нов модерно уреден простор во централното градско подрачје, беше посочено на денешното поставување на камен темелникот за реализација на овој проект.

Објектот ќе се гради со јавно-приватно партнерство на местото на старата и руинирана општинска зграда. Општината  од 150 метри квадратни простор, за кој требаше да дадеме само 30 000 евра за реконструкција на пропадната покривна конструкција, ќе добие нови 475 квадрати за локалната администрација, без да вложи ниту денар во изградбата. Или, доколку сами го реализиравме проектот, за новиот простор, кој ќе и припадне на општината, требаше да вложиме околу 550 000 евра општински пари, колку што ќе чини целокупната изградба на објектот од околу 1000 метри квадратни. Од нашата страна е обезбеден проектот, земјиштето и ослободувањето од комуналии на приватниот партнер, кој, пак, ја обезбедува целокупната инвестиција за градбата, истакна градоначалникот Арсенчо Алексовски.

Инвеститор на објектот е „Мијоли ДООЕЛ“ од Скопје, кој во изградбата ќе вложи околу 550 000 евра. На него ќе му припаднат 520 метри квадратни деловен простор.

Според договорот изградбата треба да биде завршена за 3 години, но се надевам дека до крајот на идната година ќе финишираат работите. Тоа е во интерес и на локалната самоуправа и на мојата фирма како инвеститор, истакна Јовица Стојановски, сопственик на „Мијоли ДООЕЛ“.

Покрај обезбедувањето на нови и подобри простории за работа на  администрацијата, според проектот, во кругот на општината ќе биде изграден и мини плоштад и други придружни објекти, со што ќе се добие комплетно уреден и нов простор на оваа локација.

Големина на фонт
Контраст