Од водоводот ќе потече и струја

Водоводниот систем во Kрива Паланка ќе се користи и за производство на електрична енергија од што општината во иднина ќе добива дополнителни приходи за локалниот економски развој. Тие ќе бидат обезбедени преку изградба на 5 мини-хидроцентрали на цевководите на Kрива и Станечка Река, а проектот ќе се реализира со јавно-приватно партнерство.

– Постапката ја почнавме уште пред две години, кога изготвивме и идеен проект и требаше да го реализираме како општина. Но, поради финансиските ограничувања, не можевме да ги обезбедиме потребните кредитни средства поради што пристапивме кон јавно-приватно партнерство. Веќе е изготвена физибилити-студија и тендерската постапка е завршена. Од подигнатите 7 понуди, доставена е само една и тоа од конзорциумот составен од „Мак инвент“, „Фин инжинеринг“ и „Феро инвест“. Овој конзорциум веќе има изградено две мини-хидроцентрали на Kркљанска и Kрива Река – објаснува градоначалникот Арсенчо Алексовски.


Вредноста на инвестицијата изнесува околу 2,5 милиона евра, а планирано е изградбата да трае 12 месеци. Според договорот, приватниот партнер на општината ќе и дотира 17 отсто од вкупниот годишен приход од продажбата на произведената електрична енергија.


– Според пресметките, ќе добиваме околу 50.000-60.000 евра годишно без да вложиме ниту денар сопствени средства. Од една страна, на овој начин општината прави бизнис и обезбедува дополнителни приходи, кои ќе ги намениме за изградба на инфраструктурата – патишта, водоводи и слично. Од друга страна, пак, се воведува и поголема грижа за системот, што е одговорност на инвеститорот, кој ќе се грижи и за евентуалните дефекти – вели Алексовски.


Тој нагласува, дека водата приоритетно ќе се користи за водоснабдувањето, додека производството на електрична енергија ќе зависи од расположливите капацитети на водниот потенцијал. Приватниот партнер ќе стопанисува со хидроцентралите 30 години, по што тие ќе и бидат преотстапени на Општината.

Со јавно-приватно партнерство, веќе се гради нов административно-деловен објект, а со овој модел Kрива Паланка планира и реализација на проектите за гасификација на градот и за енергетска ефикасност, за кои веќе се отпочнати потребните активности.

Извор: Дневник

Големина на фонт
Контраст