Свечено пуштен во употреба уредениот простор околу Градскиот музеј

Заживувањето и одржувањето на културното наследство и развојот на културниот туризам во пограничниот регион помеѓу Македонија и Бугарија,  вчера беа свечено промовирани во Крива Паланка, како дел од проектот „Културното наследство –мост кон заедничка иднина“, што го реализира оваа општина во партнерство со бугарскиот град Дупница, а со финансиска подршка од ИПА програмата за прекугранична соработка.

На свеченото пуштање во употреба на реновираните простории и уредениот простор околу Градскиот музеј со урбана опрема за одмор и рекреација и детско игралиште, присуствуваа и заменик министерот за локална самоуправа Сашо Лазаровски и заменик градоначалникот на Дупница, Красимир Георгиев.

Секој проект од ИПА програмата е проект и на Министерството за локална самоуправа, и затоа ја цениме ангажираноста на локалната власт. Средствата од ЕУ се сериозна финансиска подршка за развој на општините и регионот, а искуството од прекуграничната соработка и обединувањето на ресурсите во иднина ќе донесе уште поголеми придобивки. Менаџирањето со градежното земјиште, пак, е голем поттик за привлекување на инвестиции и заживување на локалната економија,  истакна заменик министерот Лазаровски, кој ги повика и граѓанските организации да аплицираат со проекти за добивање на европски пари.

Вредноста на проектот изнесува 286 776 евра, носител на проектот е Дупница, а на Крива Паланка како партнер и припаѓаат 124 795 евра.

Со овие средства ќе се оформи и првата  археолошка поставка во Градскиот музеј, ќе се формира Центар за културно наследство со специјализирана опрема, ќе биде испечатена книга за старите занаети во регионот, брошура за популаризација на Центарот, а ќе бидат спроведени и заеднички културни работилници и изложба за заедничките културни вредности, истакна градоначалникот на Крива Паланка, Арсенчо Алексовски.

Со овој проект, според Алексовски, се заокружува културниот живот и одржливиот развој за културна консолидација во прекуграничниот регион, а Крива Паланка станува културно-едукативна точка со препознатливите белези.

Заменик градоначалникот на Дупница, г.Красимир Георгиев, истакна дека двете општина имаат повеќегодишно успешно партнерство во искористувањето на фондовите за прекугранична соработка и дека со влегувањето на Македонија во ЕУ уште повеќе ќе се почуствува бенефитот од Европската заедница. 

Гостите ја посетија и изложбата „Мојата општина низ мојата фотографија“, поставена во Градскиот музеј, како и локалитетот на испосницата на пустиножителот „Свети Јоаким Осоговски“ во селото Градец, кој се уредува, исто така, со средства од ИПА програмата, преку проектот „Под едно небо“.
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
Големина на фонт
Контраст