Лица со посебни потреби направија домашен пластелин

Штитениците од Дневниот центар за  лица со посебни потреби од Крива Паланка направија пластелин од природни материјали од кој изработија голем број фигури и предмети. Заедно со тимот од Центарот, наместо фабрички произведениот пластелин, тие од брашно, сол, вода, масло и други еколошки материјали, направија нетоксична природна смеса за моделирање на најразлични креативни дела, без никаков ризик за лицата со посебни потреби.

Рецептот за домашниот пластелин го пронајдовме на Интернет, од креативци од соседна Бугарија. Изработен е од природни состојки, што ни е многу важно, бидејќи работиме со лица со посебни потреби, и сакавме да ја избегнеме секоја опасност од вештачките материјали во креативната работа на штитениците, вели Добринка Давитковска, раководител на Дневниот центар.

Од фината и природна смеса за моделирање штитениците изработија разнобојни цветови, цветни градини, фигури на животни, вазни, свеќници и други предмети. На работилницата ја развиваа својата креативност, моторика и совладување на нови вештини.

Еколошката работилница беше реализирана во соработка со кривопаланечките пензионерки од Клубот „Достоинствен живот“, при Црвениот крст од Крива Паланка, кои ги донираа материјалите за изработка на домашниот пластелин и учествуваа во изработката на разновидните фигури. Со тоа на лицата со посебни потреби им беше овозможено и интегративно поврзување со останатите интересни групи.

 

Големина на фонт
Контраст