Две награди за наставниците од Крива Паланка на Мајкрософт филмскиот фестивал

Компанијата за информатички технологии „Мајкрософт Македонија” додели шест награди за најдобрите наставници, автори на најдобрите образовни филмови кои се пријавија на првиот Мајкрософт филмски фестивал за едукативни видеа. Трудовите  беа изработени од над 400 наставници во изминатите три месеци. Најдобрите видеа се наградени во шест категории.

Во категоријата „Најдобра приказна” победи филмот на Лариса Жулина-Митовска ООУ „Јоаким Крчовски“ Крива Паланка (Примена и користење на Микрософт), во категоријата „Најиновативен пристап во усвојување нови знаења” победник е Сатки Исмаили (Математика), во категоријата „Најиновативен приказ на наставен час со примена на ИКТ” победи видеото на Славица Карбева (Матична плоча), во категоријата „Најдобра проектна активност” за најдобро е избрано видеото на Николина Ѓорчевска (Како да заработам пари?), во категоријата „Најдобра техничка изведба” награден е наставникот Зорица Петреска (Енглисх Цлуб) и во категоријата „Како Мајкрософт  Партнери во учењето го смени мојот живот?” за најдобар е избран филмот на Добри Јовевски од ООУ„Илинден“ с.Конопница, Крива Паланка (Професионален развој).

 

На доделувањето на наградите присуствуваше и министерот за образование и наука Панче Кралев, кој истакна дека образованието и технологијата стануваат нераздвоен спој.

 

Соработката со Мајкрософт во изминатиот период ни помогна да ја подигнеме свеста кај голем број наставници, но и желбата да се пристапи креативно и со голема инспирација кон создавање едукативен видеоматеријал кој ќе им користи на сите во наставата во Македонија, сега и во иднина, истакна министерот Кралев.


Директорот на Мајкрософт Илијанчо Гаговски рече дека се работи за кратки едукативни филмови за тоа како се корисити информатичката технологија во образовниот систем.

Бројот од 450 е импресивен и укажува дека наставниците го прифаќаат како нивна активност, а не како нешто што им е наметнато, и денес ги наградуваме најуспешните. Тоа ќе ги стимулира другите наставници во иднина на сличен начин да функционираат, истакна Гаговски.

 

Настанот е заокружување и на циклус-обуките кои беа спроведени преку глобалната програма на Мајкрософт „Партнери во учењето” во изминатите неколку месеци.

Големина на фонт
Контраст