Потпишана официјална Повелба за пријателство помеѓу општина Крива Паланка и Самбревил – Кралство Белгија

Делегација на општина Крива Паланка, предводена од градоначалникот Арсенчо Алексовски на покана на градот Самбревил оствари 4-дневна посета, во Самбревил во Белгија. Главната цел на посетата беш потпишувањето на Повелбата за пријателство помеѓу овие две општини, која следуваше по потпишувањето на Меморандумот за соработка помеѓу Општина Крива Паланка и општината Самбревил на 1-ви септември 2011 година во Крива Паланка.

 

Во чест на потпишувањето на оваа повелба, општината Самбревил свика Свечена седница на Советот на општината на која од страна на сите Советници едногласно беше прифатена и потврдена повелбата за пријателство. Потпишувањето се случи токму на денот на католичкото славење на Велигденските празници и празникот на Градот Самбревил, а со објавувањето на оваа убава вест во белгиските медиуми се даде уште поголем публицитет на настанот.

Со оваа повелба се заокружува процесот на збратимување на општините и официјално се промовира интернационалната соработка во областа на економијата, образованието, здравството, туризмот, спортот и културата и свечено е потврдена заложбата за развој на деловната соработка, пријателството, помагањето и разбирањето помеѓу институциите и самите граѓани на овие две општини.

Повторно како и во претходните взаемни посети на овие две општини, во меѓусебната официјална комуникација, како и во самата потпишана Повелба за пријателство беше употребувано нашето уставно име, Република  Македонија.

Во чест на потпишувањето на Повелбата беше организирана и македонска вечер на која присуствуваа дел од локалната администарција и други гости од општина Самбревил.

Во оваа општина, по повод католичкото славење на Велигден, се слави општинскито празник кој претставува најголемиот настан на кој присуствуваат и повеќе од 30.000 посетители. На овој празник на свеченото дефиле по улиците на Самбревил учествуваа 30-тина  различни фолклорни групи и оркестри меѓу кои и Културно уметничкото друштво „8-ми Октомври“ од Крива Паланка.

Нашата фолклорна група во дефилето, а посебно со својот настап пред многубројната публика ги воодушеви граѓаните и сите присутни гости и официјални личности и остави најсилен впечаток од сите групи учесници.

Исто така беше остварена посета на институции и јавни претпријатија, каде што Градоначалникот Арсенчо Алексовски, Директорот на ЈП Комуналец Крива Паланка Цане Николовски и Советникот за изградба и одржување  Никола Граматиков со нивните белгиски колеги разменија искуства во повеќе области, а особено во поглед на водоснабдувањето и други комунални дејности, изградбата и урбанизмот, па врз основа на тоа е договорена средба за заедничко дејствување.

Градоначалникот на Општината Крива Паланка Арсенчо Алексовски, во името на граѓаните на Крива Паланка уште еднаш посебно се заблагодари на семејството Величковски, наши иселеници во Самбревил, чија беше иницијативата за забратимување помеѓу двете општини.
Големина на фонт
Контраст