Истажување на сакралното наследство

Во периодот од 02.04.2012 – 06.04.2012 во кривопаланечкиот крај се врши истражување на сакралното наследство во рамките на имплементација на проектот ПОД ЕДНО НЕБО, од Првиот повик на ИПА Програмата за прекугранична соработка помеѓу Македонија и Бугарија.

Со истражувањето се опфатени манастирот Св. Јоаким Осоговски, црквата Св.Димитрија во градот, црквите Св.Никола – с. Градец, Св. Теодор Тирон – с.Конопница, Св.Тројца – с.Мождивњак, Св.Никола – с.Трново, Св.Никола – с.Добровница, Св.Илија – с.Луке, Св.Никола – с.Псача, Св.Ѓорѓи – с.Петралица, како и други свети места или остатоци од сакрални објекти на оваа територија.

Проектот предвидува заедничко истражување на сакралните објекти од страна на македонски и бугарски истражувачи, а ќе продолжи во периодот  23-27.04.2012 година на територијата на општина Дупница која е партнер во проектот.

За потребите на истражувањето се ангажирани стручни лица/експерти од страна на Музејот на општина Дупница, како и неколкумина кривопаланчани, експерти во областа на археологијата, историја на уметноста, етнологијата, како и Локалната установа – Градски Музеј на Крива Паланка.

Целта е да се соберат податоци за сите објекти на едно место, кои потоа ќе резултираат со издавање на тројазична книга за сакралното наследство на прекуграничниот регион Крива Паланка-Дупница. Книгата ќе биде наменета за потребите на туристите кои, во се поголем број, го посетуваат овој регион и како основа за понатамошна подетална  анализа и истражување на оваа област.

Податоците ќе бидат искористени и при креирањето на софтверот (географско информациски систем) за сакрално наследство на регионот, исто така финансирано во рамките на проектот ПОД ЕДНО НЕБО.

Големина на фонт
Контраст