Меѓународни претставници на Црвениот крст ја посетија општина Крива Паланка

Претставници на Црвениот крст од Австрија, Швајцарија, БиХ и Романија присутвуваа во студиска посета на општина Крива Паланка. Целта на посетата беше реализацијата на проектот „Грижа за стари лица во домашни услови“, кој го спроведува Општинската организација на Црвениот крст од Крива Паланка, во соработка со Републичкиот црвен крст и со финансиска подршка од Австрискиот црвен крст.

Со овој проект се опфатени 60 стари лица од општината, за кои се грижат медицински лица и 20 волонтери на кривопаланечкиот црвен крст.

 

Во рамките на посетата, претставниците  од националните друштва на Црвен крст на Австрија, Швајцарија, БиХ и Романија, одржаа работна средба  со градоначалникот на Крива Паланка, Арсенчо Алексовски. На средбата беше разговарано за соработката на општината при реализација на проектот за грижа и помош на стари лица, како и можностите за опфаќање на корисници од руралните населби. Од страна на градоначалникот беше истакнато задоволството што токму Крива Паланка е една од трите општини во државата, во кои се имплементира проектот за здравствено-социјална подршка на старите лица. Истовремено беше искажана и подготвеност општината да се вклучи во понатамошните активности на овој план. Како отворена можност за понатамошна соработка и подршка на оваа старосна категорија лица, Алексовски го истакна искористувањето на достапните фондови на ЕУ за заедничка реализација на нови проекти со партнери од соседните земји.

Во рамките на посетата, меѓународните претставници посетија дел од корисниците на проектот „Грижа за стари лица во домашни услови“, искажувајќи задоволство од досегашната реализација на проектните активности и истакнувајќи ја Крива Паланка како најуспешна општина во остварувањето на целите на проектот.

Големина на фонт
Контраст