Невестинското поклонение на Св. Теодор Тирон

Културната манифестација Поклонение на Свети Теодор Тирон, која се организира под покровителство на градоначалникот на Општина  Крива Паланка, а во организација на Центарот за култура со поддршка на МПЦ, Месната заедница и граѓаните на село Конопница и годинава привлече големо внимание. Во поклонението учествуваа 12 пара невести и свекрви, а нивната појава на свеченото дефиле предизвика вистинско воодушевување кај присутните над две илјади добронамерници.

Манифестацијата симболично беше отворена со врачувањето на пригодните поклоненички марами, кои што им беа врачени на младите невести од страна на покровителот на манифестацијата, градоначалникот на Општина Крива Паланка, а истите се дизајнирани од иницијаторот за возобновување на невестинското поклонение – Стојанче Величковски. Потоа беше изведен ритуалот на поклонението, пропратен со тактот на специјалната  жива музика. Младите ги благослови протоереј ставрофор Добрислав Бошковски,  кој што направи ретроспектива на празнувањето и култот кон Свети Теодор Тирон.

Во своето пригодно обраќање градоначалникот на Општина Крива Паланка, г.Арсенчо Алексовски, го потенцираше значењето на оваа културна манифестација и заложбите на Општината, како покровител, таа да прерасне во културна манифестација од национално и меѓународно значење.

Директорот на Центарот за култура, г.Александар Рангелов, истакна дека оваа манифестациаја има  посебно место во календарот на културните активности и со своето значење се повеќе предизвикува внимание.

Претседателот на месната заедница, г.Велинче Ангеловски, истакна дека манифестацијата наидува на општа поддршка од граѓаните во село Конопница,  кои што годинава за првпат се самоорганизираа и со сопствен прилог учествуваа во приготвувањето на ручек и пијалок (вино и топла ракија) за сите присутни на прославата на патрониот празник на село Конопница.

Иницијаторот за возобновување на манифестацијата, г.Стојанче Величковски, се осврна на значењето на манифестацијата која што го негува и развива културниот и духовниот идентитет на село Конопница. Тој истакна дека целта на манифестацијата е да прерасне во туристичка атракција во регионот која ќе ги презентира народните носии и традицијата.

Младите невести во свечена поворка влегоа во цркавата за да се поклонат, а потоа присуствуваат на водокрсот, сечењето на колачот на кумовите и на празничниот ручек, организиран од покровителот.

Во рамките на културната програма настапија виртуозот Стевче Стојковски со својот ансамбал, за да потоа настапат гајдаргиите и песнопјците од село Конопница, при што се продолжи со општа веселба на народниот собор. 

За прв пат културната манифестација беше збогатена со избор на најдобра сливова ракија и најубав посен зелник. Изборот беше спроведен во духот на народната традиција, а први имаа можност да ја дегустираат домашната ракија, оние кои што традиционално знаеле кој имал најубава ракија во селото бербер, даскал, шумар… Првото место му припадна на Миле Митовски, втор беше Стојанче Маџовски, а трет Стојанче Величковски.

Во конкуренција на домашен посен зелник, по избор на учесничките во натпреварот, првото место го освои Лиле Величковска, второто Бранка Величковска, а третото место го поделија Веселка Станоевска, Веселка Цветановска и Добра Стојановска.

Посебно признание е доделено на Миле Величковски за презентацијата на брендираниот „Кривопаланечки мед“.

Културната манифестација беше медиумски покриена од Македонската телевизија, Златен канал, Дневник,МИА и други.

Повеќе фотографии во делот Фотогалерија

 

Големина на фонт
Контраст