Се одржа ораторска вечер во СОУ „Ѓорче Петров“

Осуммина средношколци и средношколки од СОУ „Ѓорче Петров” Крива Паланка вечерва говореа на темите кои ги засегаат младите претставувајќи се пред бројната публика во холот на гимназијата на годинашната „Ораторска вечер”.

Настанот е во организација на активот на професори по македонски јазик и литература, под чиешто менторство се подготвуваат говорниците и говорите, а во организацијата се директно вклучени професорките Елена Јакимовска, Зорица Давитковска и Даниела Стојмировска.

– Ова е шеста година на успешна реализација на вечерта посветена на ораторство, кое морам да нагласам дека е се повеќе популарно помеѓу учениците, за што говори и нивниот голем интерес за учество, поради што се одржа прв прелиминарен селективен круг, по што беа одбрани осумте учесници кои вечерва настапија. Подготвија говори на слободна тема, насловени „Сакам да говорам за…”, а добивме разноликост во изразот и пристапот, со говори за парите, љубовта, среќата, како и за разните видови насилство, што ја отсликува храброста и ревноста на младите. Имавме учесници од сите четири наставни години, а во ревијалниот дел гостуваа двајца говорници од СОУ „Наце Буѓони”, Куманово, во рамки на активностите за меѓуетничка интеграција во образованието, изјави професорката Елена Јакимовска.

Победник на ораторската вечер е Александар Тасевски, второнаградена е Лина Рангелова и третото место и припадна на Јована Колевска, двете од прва година. Традиционално, од минатата година, на трите најдобри оратори им беа доделени парични награди од градоначалникот на општина Крива Паланка, Борјанчо Мицевски.

Првонаградениот говорник ќе го претставува средното општинско училиште „Ѓорче Петров” на МАССУМ.