Во основните училишта се одржаа интерактивни работилници за медиумска писменост

Во основните училишта „Јоаким Крчовски“ и „Илинден“ од Крива Паланка, на 4 и 5 декември 2019 година, се одржаа интерактивни работилници за медиумска писменост на кои активно учествуваа вкупно 41 ученик од 9-то одделение.

Интерактивните работилници се дел од проектот „Медиумско описменување за критичен младински став“, што го спроведува Центарот за аудиовизуелни уметности од Крива Паланка, а медиумски партнер е веб порталот „Аберџија“.

Основците учеа за улогата и значењето на медиумите, комуникацијата, лажните вести и начинот на справување со истите. Истовремено, учениците дадоа и свои предлог идеи за младински активизам , со цел да станат видливи за јавноста нивните потреби во локалната заедница.

Овие работилници имаат за цел да ги поттикнат младите да формираат критичко мислење за случувањата преку анализа,  селекција и проверка на медиумските содржини, со што ќе придонесат за позитивни промени во општеството.

Проектот „Медиумско описменување за критичен младински став“ е поддржан од Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“ и ЕВРОТИНК-Центар за европски стратегии, во рамките на проектот „Со критичко мислење до граѓани со медиумска умешност“, финансиран од Европската Унија.