Прва награда на „Утринска ѕвезда“ за музичко-сценскиот перформанс на основците од „Јоаким Крчовски“

Учениците од Основното општинско училиште „Јоаким Крчовски“ од Крива Паланка освоија прва награда на XXVIII Меѓународен фестивал на уметноста „Утринска ѕвезда“, што се одржа викендов во Банско, Република Бугарија.

На фестивалот учествуваа околку 1500 млади виртуози од Украина, Грција, Шпанија, Македонија и Бугарија, кои во текот на пет дена го демонстрираа својот талент во музика, театар, танци, акробатика и фотографија.

ООУ„Јоаким Крчовски, како еден од учесниците на фестивалот се претстави со вкупно четириесет ученици од трето до деветто одделение. Училишниот оркестар при ООУ„Јоаким Крчовски“-Крива Паланка под диригентската палка на проф. Лариса Жулина-Митовски, заедно со училишниот хор под менторство на проф. Александар Тренчовски и фолклорна група под менторство на проф. Марија Смиљков го освоија престижното прво место на овој реномиран фестивал на уметноста.

 -Настапивме со компилација на три музички перформанси, хорско пеење и музицирање на инструменталниот состав. Оркестарот и хорот од училиштето  ја изведе „Ода на радоста“ од Лудвиг Ван Бетовен, како и „Билјана платно белеше“ со кореографија на мала играорна група. Се претставија различни генерации ученици во категоријата вокално-инструментална музика, каде го освоивме првото место, изјави професорката по музичко образование Лариса Жулина –Митовски.

-Ова е наша прва зедничка соработка како ментори и се покажа како многу успешна.  Учениците имаа можност да се дружат и да се претстават преку ваков формат, а задоволството од успехот што го постигнаа го делиме и ние, бидејќи нашиот труд е препознаен во меѓународни рамки. Особено сме горди што публиката имаше можност да ужива во мелозвучноста на исконската народна композиција „Билјана платно белеше“ за која младите таленти од Крива Паланка подготвија и соодветна сценско-уметничка кореографија, а силниот впечаток што го оставија беше награден со престижната прва награда, појаснува Жулина – Митовски.