Презентирана нацрт верзијата на проектот за гасификација

На 23.02.2012 година, со почеток во 11 часот, проектантската компанија ФИЛБИС, претставувана од г-дин Мирко Стојановски, дипломиран машински инжинер,   ја презентираше драфт-верзијата на Основниот проект – Гасификација на Општина Крива Паланка пред Градоначалникот и претставниците на стручните служби на општинската администрација и јавното претпријатие Комуналец. 

Проектот е финансиран од страна на Бирото за развој, преку Североисточниот плански регион, со чие изготвување се создаваат и услови за започнување на процесот на гасификација на градот.

Општина Крива Паланка, имајќи ја привилегијата да магистралниот гасовод поминува низ градот,  според зборовите на челните луѓе е сериозно заинтересирана да успее проектот за гасификација на градот, како основен предуслов за економски развој и подобар живот на локалната заедница, односно подобрување на климата за инвестирање.

На средбата беа присутни и претставници на Куманово-Гас, кои изразија целосна поддршка на проектот и спремност да понудат сестрана и несебична помош на општината во сите фази на процесот на гасификација, изнесувајќи ги своите искуства и знаења.

По презентацијата на драфт-верзијата, имаше дискусија околу поединости на докумнетацијата, при што се дојде до заклучок дека е потребно да се преиспита трасата и постоечката подземна инсталација на водоводната, телефонската, електричната и кабловската инсталација, односно да се формира компетентна екипа од претставници на Општината и ЈПКомуналец, кои на лице место ќе ја утврдат фактичката состојба, по што ќе може да се пристапи кон финализирање на проектот.

На Општината останува да го утврди начинот на стопанисување со оваа дејност – дистрибуција на гас, односно моделот на јавно или јавно-приватно партнерство, преку изработка на студија и сите останати потребни документи за отпочнување на процеост за добивање на дозвола од Регулаторната комисија за енергетика.
 
 
 
 
Големина на фонт
Контраст