Посета на министерот Кралев на Општина Крива Паланка

По стартот на второто полугодие во учебната 2011/2012 година, Министерот за образование и наука м-р Панче Кралев ги посети основните училишта „Јоаким Крчовски“ и „Илинден“, средното училиште „Ѓорче Петров“, како и ученичкиот дом „Боро Менков“ во општина Крива Паланка.

На состанокот што се одржа во кабинетот на Градоначалникот на општина Крива Паланка Арсенчо Алексовски на Министерот му беа презентирани активностите кои општината ги има преземено во поглед на образованието односно реновирањето и модернизацијата на училишните објекти, а беше и разговарано за можностите за понатамошно вложување во образовниот процес.

Министерот Кралев со Градоначалникот Алексовски ги посети средното општинско училиште „Ѓорче Петров”, ученичкиот дом „Боро Менков” и основните училишта „Јоаким Крчовски” – Партизан  и „Илинден” како и подрачното основно училиште „Илинден” во село Конопница, каде што беа претставени резултатите од реновирањето.

При посетата беше истакнато дека за реконструкцијата на основните училишта во општина Крива Паланка се инвестирани  535.774,64 евра,  обезбедени од ИПА програмата како и со сопствено учество на општината, а со овој проект се реконструирани и реновирани:

– ООУ “Јоаким Крчовски” – Партизан  каде што со дополнителни средства од Министерството за образование вооедно е адаптиран и внатрешниот дел од школото т.н. Атриум,
– ООУ “Јоаким Крчовски” – централно училиште,
– ООУ “Илинден” – централно училиште и ПООУ “Илинден” во село Конопница.

Во Гимназијата Министерот беше запознат со реновирањето, односно дека  целосно е обновена  внатрешноста на дотраената фискултурна сала, и тоа со поставување на нов под, бојадисување, замена на инвентарот и доопремување со спортска опрема, а исто така е реновиран делот пред влезот во објектот на гимназијата, истиот е поплочен со бекатон плочки и направена е настрешница пред влезот во гимназијата, а изградено е и ново паркиралиште со што е отстранет проблемот со паркирањето и загрозувањето на безбедноста на учениците.

Во рамки на посетата Министерот ги посети основните училишта “Јоаким Крчовски”-Партизан и централното училиште, ОУ “Илинден” централното и училиштето во с. Конопница, СООУ “Ѓорче Петров“  како и ученичкиот дом “Боро Менков“ каде што ги виде остварените резултати од реновирањето, а од страна на директорите беа презентирани можностите за преземање на понатамошни активности.

Договорено е од страна на училиштата и општината да се достават податоци односно проекти до Министерството за образование како би можело да се продолжи со понатамошно инвестирање во образованието.

Нескриено беше задоволството на Министерот од постигнатиот успех на проектот “Бабини игри“ кој произлезе од проектот “Компјутер за секое дете”. Уште еден доказ за оправданоста на вложувањето во образованието е големиот успех на Светскиот форум на „Мајкрософт“, што се одржа во Вашингтон, во рамки на глобалната програма „Партнери во учењето“.

По освоениот Гран при на европскиот натпревар, кој се одржа во март годинава во Москва, проектот „Бабини игри“ во Вашингтон ја освои втората наградата во категоријата „Избор на наставниците“, во која учествуваа 115 проекти од 70 земји.

Министерот го изрази задоволството за извршените инвестирања во образовните објекти, како и дека во соработка со општината Крива Паланка и општинските училиштата ваквата позитивна пракса и понатаму ќе продолжи и тоа во поглед на изградба на фискултурна сала во централното училиште “Јоаким Крчовски”, реновирање и замена на санитариите, реконструкција и доопремување на постоечките системи за затоплување во ученичкиот дом “Боро Менков“ и ПОУ “Илинден“ во с. Конопница како и други активности кои би можело да бидат превземени.
    

Големина на фонт
Контраст