ООУ „Јоаким Крчовски” беше домаќин на ученици и наставници од Португалија, Литванија, Полска и Турција

Во рамките на Ерасмус+ проектот „ИДНИНА“, од 11 до 15 ноември 2019 година, ООУ „Јоаким Крчовски“- Крива Паланка беше домаќин на 26 ученика и 11 наставници од четири различни држави: Португалија, Полска, Турција и Литванија. Во текот на овој период беа реализирани многубројни активности поврзани со главната цел на проектот – кодирање, но истовремено од страна на домаќините беа претставени македонската култура и традиција, фолклор, храна,  македонскиот образовен систем и начин на живеење.

На првиот ден од нивниот престој, гостите беа пречекани во традиционални носии со леб и сол на влезот од централното училиште. По кратка прошетка низ училиштето и училишната зграда Партизан запознавајќи се со на начинот на функционирање и одржување на наставата, гостите имаа можност да присуствуваат на прекрасна приредба подготвена од страна на наставниците и учениците на ООУ “Јоаким Крчовски“ на која учениците се преставија на македонски, англиски и француски јазик, а на почетокот на приредбата Директорот на училиштето г-дин Дане Петровски ги поздрави гостите и им посака топло добредојде. Веднаш по приредбата, гостите  подобро се запознаа со македонската традиционална носија учествувајќи во работилница – Сликање на македонски мотиви на порцелан, на која сами ја изработуваа нашата традиционална носија.

Топло добредојде на гостите им посака и градоначалникот на Општина Крива Паланка, Борјанчо Мицевски, кој со задоволство ги прими гостите и преку неколку видеа им посочи повеќе значајни проекти преку кои се подобрува инфраструктурата во нашиот град и воедно изрази желба за понатамошна соработка на сите полиња со земјите партнери во проектот.

Во текот на целиот престој  имаше многу активности во училиштето поврзани со целта и задачите на проектот како  работа со Скреч и презентација на Микробитот и Роботската рака – проекти кои се одвиваат во училиштето, но се поврзани со темата на проектот, потоа работа со Е-твининг, кодирање со Микробит, презентација на игра кодирана од страна на  ученичката Сара Стефановска, задачи за учениците да направат легенди и квизови во Скреч и многу други активности и задачи.

Гостите го посетија и градскиот музеј каде се запознаа со историјата на градот преку слики и артефакти  како и црквата Св. Димитрија. Двете посети беа многу интересни за нив бидејќи беа нешто ново и необично за повеќето учесници. Тие имаа можност да го посетатат еден од најубавите манастири во нашата држава Св. Јоаким Осоговски. Учесниците беа одушевени од неговата убавина и уникатност и одблизу се запознаа со многу интересни факти за почетоците и основачот на манастирот, како и за самиот Св. Јоаким Осоговски и неговиот испоснички живот.

Во четврток наставниците и учениците ги гледаа изработките на сите ученици учесници во проектот. Нивна задача беше да направат легенди и квизови во Скреч на тема Околината и загадувањето. Сите изработки беа прекрасни и учениците беа пофалени за нивната одлична работа. Откако сите активности и задачи беа завршени и презентирани, учесниците имаа можност да уживаат во мал концерт, а потоа им беа  доделени сетрификати.  

Последниот ден од престојот на гостите, беше резервиран за посета на главниот град Скопје каде уживаа во неговите убавини посетувајќи ги  Калето, старата Скопска чаршија, спомениците во центарот на градот и кањонот Матка. Учесниците беа одушевени од главниот град.

Покрај тоа што оваа средба беше работна, учесниците се запознаа со македоснката кујна вкусувајќи бројни македонски специјалитети како пита, зелник, тавче гравче, мусака, полнети пиперки, разни видови салати, туршија, баклава, парени колачи, боза и се она што е типично за нас и за нашиот град. Исто така, учениците се запознаа со семејствата на нашите ученици и со нивниот начин на живот.

Во тоа е и убавината на овие меѓународни проекти, да ни биде појасно дека сите сме различни, но дека разликите можат да не приближат и спријателат наместо да не разделат. Различноста не значи да си подобар или полош од другите, тоа само значи дека имаш различен начин на живот, историја, култура, образовен систем.

Координатор на проектот
Тања Димитровска – Шкрбиќ 

Големина на фонт
Контраст