Граѓаните ја избраа реконструкцијата на главната улица за проект на Форумот во заедницата

Проектот за реконструкцијата на дел од главната улица на локалитетот „Стара чаршија“ доби најголема подршка од граѓаните, кои учествуваа на Форумот во заедницата, што за првпат се организира во Крива Паланка. На петтата завршна сесија граѓаните гласаа за 5 предложени проекти од кои реконструкцијата на главната улица доби вкупно 43 гласа, изградбата на пешачка патека од ООУ„Јоаким Крчовски“ до Зелениот пазар 33 гласа, за рекреативната патека до Станечки водопади гласаа 21 граѓанин, за уредување на каскадите на Крива и Дурачка Река 20, а за реконструкција на пешачкиот мост 18 учесници.

Проектот за реконструкција на делот од главната улица „Свети Јоаким Осоговски“, чија главна цел е придонес кон поквалитетен живот на граѓаните и поубав изглед на градот,  според првичните пресметки ќе чини 4.926.025, денари. Бидејќи проектниот фонд на Форумот во заедницата  изнесува 2,8 милиони денари, обезбеден со подеднакво учество на донаторот-Швајцарската агенција за развој и соработка и општина Крива Паланка,  останатиот дел ќе го дофинансира локалната самоуправа, со цел да се изврши потребното инфраструктурно уредување на градот.

Со реконструкција на овој дел од главната улица истовремено ќе се решат повеќе проблеми кои ги мачат граѓаните. Дотраениот коловоз од коцки ќе се замени со асфалт, пешаците ќе добијат тротоари за безбедно движење, ќе се реши атмосферската канализација, улицата ќе се електрифицира и ќе се санира паднатиот потпорен ѕид кај Зелениот пазар. Со тоа ќе се подобри квалитетот на живот на граѓаните, а Крива Паланка ќе добие подобар изглед на централното градско подрачје, истакна Валентина Ангеловска од работната група која учествуваше во изработката на овој проект.

Преостанатите 4 проекти, заедно со листата со другите препораки за приоритетните потреби, кои беа идентификувани од страна на граѓаните-учесници на Форумот, му беа предадени на градоначалникот Арсенчо Алексовски.

Им благодарам на граѓаните што во толку голем број учествуваа на форумските сесии и го дадоа својот придонес за развојот на општината, ја зголемија партиципативноста во донесувањето на одлуките и даваа свои предлози и решенија за проблемите со кои се соочуаат. Се надеваме дека успешно ќе го спроведеме проектот за реконструкција на делот од главната улица, кој е од широк интерес за сите граѓани. Како општина во идниот период ќе се трудиме да реализираме и што е можно поголем број од препораките, бидејќи тие имаат голем легитимитет, затоа што се идентификувани токму од страна на граѓаните, истакна градоначалникот Алексовски.

На петтата сесија присуствуваше и раководителот на Единицата за координација со Форумите во Македонија, Кристина Хаџи-Василева, како и Димче Митрески, извршен директор на Македонскиот центар за меѓународна соработка  (МЦМС), која е имплементирачка организација во нашата општина.

Како граѓани и како општина вистински ја разбравте улогата на Форумот во заедницата, што го покажавте преку бројното учество, издржаните дискусии и јавно искажани проблеми. Сега е клучно успешно да се рализира проектот  за реконструкција на делот од главната улица, а има поттик  за решавање  и на останатите проекти кои не беа изгласани. Имам само пофалби за тоа што препознавте дека ова е во ваш интерес и дека вие можете да одлучувате за приоритетите на општината, рече Митрески.

Проектот треба да биде завршен до ноември 2012 година, кога ќе се одржи последователната 6 сесија, на која општината како носител и ЈП„Комуналец“ како партнер, ќе треба да дадат отчет пред граѓаните за неговата реализација. Покрај останатите стручни надзори, мониторинг на спроведувањето на проектот ќе врши и работна група на Форумот на заедницата за да се обезбеди транспарентност и јавност при реализацијата на сите предвидени активности.
 
 
 
 
 
Големина на фонт
Контраст