Оддржан вториот форум за развојот на културата во Kрива Паланка

Центарот за аудиовизуелни уметности во соработка со општина Крива Паланка, денес ја организираше и ја оддржа  втората сесија од форумот за развој на културата.  Овој форум се реализира во рамките на проектот „Овозможувачка културна средина“, поддржан од општина Крива Паланка преку Програмата за финансирање на проектни активности на здруженија и фондации за 2019 година.

Тема за дискусија на оваа форумска сесија беа  предлог- стратешките цели и приоритети за унапредување и  развој на културата во општина Крива Паланка.

На културниот форум од страна на присутните беа  издвоени приоритети и тоа:  изработака на стратегија за култура, градење на капацитети на културните институции, едукација на младите за културата и збогатување на културата со нови, атрактивни културни содржини. Исто така, од страна на учесниците на форумот имаше плодна дискусија и беа дадени повеќе идеи за нови културни продукти, како и нови форми за креирање на културни настани, а се со цел да се подобри и збогати културната сцена во општината.

На форумот присуствуваа претставници на локалната самоуправа, НУ Центар за култура, ЛУ Градски музеј, граѓанските организации, кои работат на унапредување на културата, претставници на образовните институции, како и уметници креативци и други граѓани од општина од Крива Паланка.