Голем успех на иновативните македонски наставници во Вашингтон

Проектот на интегрирана врска меѓу традиционалните игри и современите информатички технологии и нивно ставање во функција на образовниот процес, ги вброи македонските наставници меѓу најиновативните на светско ниво.

Подзаборавените стари игри како мижи-баба, јанино-јанино, плочка, ластик, завор, челик, дама, прстенче, кибритче и други, преку проектот „Бабини игри“, авторско дело на македонски иновативни наставници, станаа познати и ќе може да се играат во целиот свет, по големиот успех на Светскиот форум на „Мајкрософт“, што се одржа во Вашингтон, во рамки на глобалната програма „Партнери во учењето“. По освоениот Гран при на европскиот натпревар, кој се одржа во март годинава во Москва, проектот „Бабини игри“ во Вашингтон ја освои втората наградата во категоријата „Избор на наставниците“, во која учествуваа 115 проекти од 70 земји. Македонските наставници му покажаа на светот како традиционалните игри преку креативни наставни практики и користење на современите информатички технологии се интегрираат во учењето и подобрувањето на квалитетот на образованието.

-Проектот покажа како на иновативен начин може да се спојат играта, информатичките технологии, учењето и традицијата – истакна генералниот директор на „Мајкрософт“ за Македонија, Илијанчо Гаговски.

Во подготовката на „Бабини игри“ беа вклучени десетина наставници од Македонија, а целта е да се поврзат традицијата и современите технолошки достигања. Избрани се 12 игри што биле популарни за бабите кога биле деца, направени се видеозаписи за нив, а секоја игра е во врска со наставните програми. Преку нив децата учат математика, логика, развиваат креативно мислење и решавање проблеми. Според авторите, успешноста на проектот е во тимската работа на наставниците и учениците од разни региони и јазични подрачја, при што, освен македонските, биле вклучени и албански и српски етникуми, кои ги истражувале игрите и ги утврдувале правилата преку компјутерска обработка.

– Проектот почна како културно патување низ традиционалните обележја со цел да ги оживее заборавените детски игри, но паралелно развиваше и интеркултурален дијалог меѓу училишта од градски и рурални средини, со користење на најнова технологија со која го дигитализиравме мултикултурното наследство. Сакаме да посочиме дека компјутерите се алатка за учење, но истовремено и да ставиме акцент на заборавените детски игри, кои може да се применат во наставната програма за секоја возраст ученици, во вид на магичен круг кој почнува да се врти од градинка, основните и средните училишта, па сe до факултетот со програмирање веб-страници, конект-игри итн. – истакнува авторот на проектот, Марина Василева од ОУ „Kирил и Методиј“ од Скопје.

Бабините игри имаат за цел да се надминат негативните влијанија од пасивните сајбер-игри и да се изгради комуникациски мост меѓу учениците од разни географски региони. Инспирирајќи наставници и ученици низ цела Европа, тие ги поттикнуваат да истражуваат кај своите предци, да ги зачуваат мултитрадиционалните вредности и да се едуцираат со разновидни интегрирани дидактички пристапи.

 

 

-Вистински предизвик за нас, наставниците, беше да ги примениме најсовремените технолошки достигања со кои растат учениците, притоа да извлечеме готови електронски продукти, а во исто време да ги развиваме вештините за 21 век, без разлика од кој регион потекнуваат и од каде се вклучените ученици – вели Добри Јовевски, главен ИТ-координатор на проектот.

 

 

Влора Адеми, менаџер на „Мајкрософт – Партнери во учењето“, истакнува дека Македонија е единствена земја од Југоисточна Европа во редот на прогласените победници на Глобалниот форум во Вашингтон. Огромниот успех на наставниците и вбројувањето во редот на најиновативните во светот го поздравија и министрите за образование и за информатичко општество.
 
– Верувам дека овој проект ќе служи како одличен пример за сите наставници во Македонија како на креативен начин информатичките технологии може да се стават во функција на унапредување на образовниот процес – изјави министерот Панче Kралев.
 
Според министерот за информатичко општество Иво Ивановски, наградата докажува дека Македонија има квалитет и дека не е сe до квантитетот.

– Ова е најголем доказ за реформите во образованието и воведувањето на ИKТ-технологиите. Ова докажува дека во светот, во кој нема географски бариери во користењето на интернетот и технологиите, Македонија е рамо до рамо со развиените западни земји. Тоа, пак, е поттик за нас да продолжиме да инвестираме во образованието, а поттик е и за наставниците во Македонија да ја користат опремата. Таа е поставена за идните генерации да стекнат високо знаење и со која Македонија ќе биде економија базирана на знаење – рече Ивановски.

И претставничката на владата на САД во Македонија, Ли Ан Мар, нагласи дека проектот „Бабини игри“, кој настанал во училниците во земјава, добил признанија за својот квалитет во цел свет и дека заедно со „Мајкрософт“ преку форумите работат за да ги охрабрат иновативните наставници.

Општина Крива Паланка и ООУ Илинден добија признаниja од Мајкрософт Партнери во учењето за промоција и подршка на проектот Бабини игри. Признанието го прими градоначалникот г.Арсенчо Алрксовски и г. Оливер Дејановски, директор на ООУ Илинден од Крива Паланка.

Визуелниот идентитет на проектот и дизајнот на сите материјали за Европскиот и Светскиот форум се дело на  г.Стојанче Величковски од Крива Паланка, кој на овој настан доби признание за иновативен и креативен графички дизајн.

 

 

Големина на фонт
Контраст