Дистрибуирана училишната опрема, донирана од Europ’Raid од Франција

На 8 август 2019 година, екипите на Europ’Raid од Франција кои ги сочинуваат млади авантуристи кои патуваат низ светот со автомобили Пежо 205 при тоа запознавајќи ги природните убавини, културата, традицијата и кулинарството на најразлични земји во светот, престојуваа во Крива Паланка, како најголема франкофонска лулка во нашата земја.

Оваа година од 27 јули до 17 август, се одвиваше шестото издание на Europ’Raid, но ова беше нивно прво авантуристичко патување низ Европа каде екипите имаа можност да посетат 20 европски земји за 23 дена  и да донираат опрема за учениците од Западен Балкан. Имено во рамките на нивната европската авантуристичка турнеја, тие  престојуваа во нашиот град при што донираа три тони училишен и канцелариски материјал, спортска опрема и хигиенски средства на ООУ „Јоаким Крчовски”.

Младите франкофони од ООУ „Јоаким Крчовски” – Крива Паланка, иако беа на летен распуст, со задоволство подготвија франкофонски музички хепенинг под менторство на проф. Елена Николовска во знак на благодарност за донираната училишна и спортска опрема од страна на екипите на Europ’Raid од Франција. Ова е голем поттик и предизвик за нив со цел континуирано да го изучуваат и усовршуваат францускиот јазик и во иднина.

Веднаш по завршувањето на настанот, во текот на месец август, од страна на училишниот тим во состав: Елена Николовска, Тања Димитровска Шкрбиќ, Анета Ѓоргиевска Спасевска, Наташа Стефановска и Далибор Стоилковски, донираната опрема беше селектирана и распределена по категории.

На самиот почеток на учебната 2019/2020 година, т.е. на 3 септември 2019 година, започна дистрибуирањето на опремата при што први се израдуваа франкофоните од ООУ „Јоаким Крчовски” – Крива Паланка, учесници на музичкиот хепениг кои беа почестени со присуството на делегација од Општина Крива Паланка предводена од градоначалникот Борјанчо Мицевски,  директорот на училиштето Дане Петровски и проф.Елена Николовска, а подароците лично им беа врачени од страна на Градоначалникот кој воедно ги охрабри и понатаму да го усовршуваат францускиот јазик и да нè претставуваат како вистински амбасадори и во иднина.

-Во изминатиот период, сите ученици од подрачните училишта во с.Дурачка Река, с.Станци, с.Жидилово, с.Узем, с.Дубровница, с.Подржикоњ, с.Огут, с.Луке и с.Нерав, добија ранчиња со разновиден училишен материјал, спортска опрема и хигиенски средства како и дополнителни резерви училишен материјал кој ќе можат да го користат во текот на целата учебна година. На учениците од ранливите категории им беа доделени ранци полни со богат училишен материјал, хигиенски средства и облека, а солзите радосници во нивните очи допираат до секое срце. Среќна сум што успеав барем за момент да ги израдувам, вели Николовска.

Дел од опремата, донација од инвалидски колички и училишен материјал беше пренаменета за Дневниот центар за лица со попреченост при ЈУ Меѓуопштински центар за социјална работа – Крива Паланка. Исто така, дел од донацијата беше дистрибуирана во Ученичкиот дом „Боро Менков” и ОО Црвен крст – Крива Паланка.

-Уште еднаш сакам да упатам голема благодараност до екипите на Europ’Raid кои поминаа илјадници километри за да донираат опрема во нашето училиште. Голема благодарност до амбасадорот на Франција, г-дин Кристијан Тимоние и делегацијата на Амбасадата на Франција за постојаната соработка, несебичната поддршка и избор на Крива Паланка да биде град-домаќин на овој настан, како најголема македонска франкофонска лулка. Голема благодарност до градоначалникот на општина Крива Паланка, Борјанчо Мицевски кој со задоволство прифати овој настан да се организира во нашиот град и за неговиот придонес во реализацијата на истиот. Голема благодарност до учениците за музичкиот хепенинг како и до сите останати служби кои се вклучија во организацијата при што се покажавме како добри домаќини,  истакна Николовска.

 

Големина на фонт
Контраст