Викенд за паметење за КК Крива Паланка

Викенд за паметење за КК Крива Паланка резултати кои ќе останат врежани во аналите на кошарката во градов. Скор од пет победи од вкупно осум одиграни натпревари и тоа три  на гостински и уште две убедливи победи на домашен терен.

На 18 ноември – петок кадетките од КК Крива Паланка гостуваа кај Струга 2009, каде не го совладаа противникот, ама осоколени по овој дуел фуриозно влегоа во мечот против КК Милениум од Струмица каде гостуваа саботата. Доминацијата под кошот, брзите контри и воиграните акции од крилните и бековските позиции рафално го погодуваа противничкиот кош. Плејот Митровска Дона одлично ја одигра улогата на својата позиција организирајќи ја беспрекорно играта во нападот. Сите кошаркарки желни за победа, за докажување и славје – дадоа максимален допринос и со одличната одбрана и со реализираните поени во нападот за конечен резултат убедливи 50 – 18 за Крива Паланка.

Струмичани поразени и во вториот дуел кој го одиграа генерација *99 – Крива Паланка на гости кај Ролинг. Алексеј Атанасовски и Филип Костадиновски беа најистурени во нападот. Па едниот со 28, другиот со 23 поени, со вкупниот учинок на останатите соиграчи ги надиграа пионерите на Ролинг. На нивниот пресинг во одбраната малите кривопаланчани одговорија со бројни брзи контранапади, што ја донесе победата од 62 – 51.

Викендов на гости играше и генерација *98 кај ФМП од Скопје. Оваа екипа и онаа на третолигашите кои играа во Пробиштип, кај Пробаскет – не забележаа победи, додека гордоста на КК Крива Паланка ја одбранија кадетките генерација *96/*97 кои играа дома против Ангели од Скопје.Со мала минутажа на првотимките Петковска, Митровска и Ѓоргиевска, кои пак постигнаа голем број поени и во краток период на паркетот и со голем ангажман и пожртвувана борба, оваа генерација ја декласираше гостинската екипа. Сите кошаркарки на КК Крива Паланка имаа можност да се запишат во листата на стрелците, а сето тоа ја донесе високата победа од 72 – 24. Оваа екипа е прва на табелата во категоријата кадетки генерација *96/*97, со скор од 4 одиграни и 4 добиени натпревари сезонава, што ни гарантира сигурен пласман во финалната борба за медаљи по завршувањето на сезоната.

И на крајот најубедливата победа ова коло ја забележаа кошаркарите генерација *94/*95 против Лирија од Скопје. Натпревар кој го навести крајниот исход уште на полувреме изобилува со атрактивни акции и потези, а мечот најмногу ќе го паметиЈакимовски Марио од КК Крива Паланка кој постигна импозантни 56 поени од 103-те вкупно на својот тим, кој славеше со 103 – 51.
Големина на фонт
Контраст