Се уредува пристапот и просторот околу испосницата во с.Градец

Во рамките на Првиот повик од ИПА Програмата за прекугранична соработка, Општина Крива Паланка го имплементира проектот ПОД ЕДНО НЕБО. Вкупен износ на проектот е 296.594,17 евра, од кои 237.173 евра се наменета за општина Крива Паланка како носител на проектните активности, а остатокот за партнерот во проектот општина Дупница, збратимената општина и традиционален партнер од Република Бугарија.

Проектот предвидува конструкција на локален пат во с.Градец во насока кон испосницата на Св.Јоаким Осоговски во должина од 1 км и  пробивање и тампонирање на 980 м. од патот до испосницата и партерно уредување на просторот околу испосницата. Партерното уредување се состои од изградба на трем на локацијата, амфи-театар, пристап и заштита на испосничката карпа со елементи и материјал исклучиво од околната природа со цел да се сочува амбиенталниот изглед на локацијата. Вкупната вредност на инфраструктурната компонента е 185.387,76 евра. Остатокот од средствата се наменети за истражување на прекуграничниот регион од аспект на сакрално наследство од страна на експерти од македонска и бугарска страна.

Во моментот во тек се градежните работи на локалитетот на испосницата и пробивање и тампонирање на делницата. Асфалтирањето се предвидува за пролет наредната година, заради временските услови. Изведувач на работите е кумановската фирма МАТО ИНЖЕНЕРИНГ, а надзор е ГЕИНГ ИНТЕРНАТИОНАЛ Кребс унд Кифер од Скопје.

За општина Дупница се предвидени средства за набавка на хардвер и софтвер, кој ќе биде веб-базиран со внесени податоци за сакралните објекти од прекуграничниот регион Крива Паланка-Дупница. Софтверот ќе се храни со податоците од истражувањето, а ќе биде исклучиво наменет за туристички намерници. Ќе биде издадена и печатена книга со содржините на сакралното наследство од регионот.

Големина на фонт
Контраст