Родени во Србија пеат за Македонија

Со објавените литературни дела оставаме запис за идните генерации, да не си ги заборават своето потекло, македонскиот јазик, идентитетот и вредностите на матичната земја, велат Македонците од Банат.


Уште од најраното детство во мене се таложеа емоции, собрани далеку од родниот крај на моите родители и роднини. Сакав да ги пренесам на хартија, да оставам запис за преселбата на Македонците во Банат, за тогашните времиња, судбините на предците, за да бидат зачувани од заборав и идните поколенија да го знаат своето потекло, вели Анка Јакимовска од банатскиот град Пландиште, која во Kрива Паланка, родниот крај на своите предци и родители, го промовира своето прво дело, романот „Рани“.


Делото претставува сведоштво за едно време, а низ животната и тажна приказна на едно семејство се откриваат причините за напуштањето на родните огништа, лузните од закопаните спомени, но и поврзаноста со татковината и носталгијата која и по толку многу години ги влече назад.

– Kрива Паланка многу ја сакам. За родната грутка на моите предци постојано се зборуваше во моето семејство, никогаш не го заборавивме потеклото. Овој роман му го посветив на татко ми Александар, во негов спомен, но тој е и аманет на младите Македонци во Банат да знаат и да не заборават од каде се и каква била судбината на нивните семејства – вели Јакимовска.

Романот, објавен на македонски и на српски јазик, е издаден од Македонскиот информативен и издавачки центар во Србија, кој ги поддржува македонските автори во оваа соседна земја за да се зачуваат идентитетот, јазикот и културата на татковината.

– Задоволни сме од тоа што имаме автори, а особено млади, кои не само што пишуваат на мајчиниот јазик, туку и добар дел од своето творештво го посветуваат на Македонија, иако се родени и живеат во Србија. Преку многубројните културни манифестации, го афирмираме и зачувуваме националниот идентитет и ги негуваме македонската култура, традиција и обичаи. Македонската национална заедница е всушност мостот помеѓу Србија и Македонија – вели Стеван Србиновски, претседател на Асоцијацијата на македонските здруженија во Србија.

Kако една од најзначајните, Србиновски ја издвојува манифестацијата Деновите на творештвото на Македонците, под наслов „Себеси во поход“. Овој поетски карван се реализира во повеќе градови од Србија каде што има македонски заедници, а на кој учествуваат писатели-Македонци од нашата држава и од Србија.

– Македонската национална заедница може да се пофали со голем број книжевни и културни манифестации, денови на македонската култура, македонски вечери, кои ја афирмираат македонската литература, а се издаваат и повеќе македонски гласила. Да ги споменеме само политичко-информативното гласило „Македонска виделина“, списанието за книжевност, култура и уметност „Видело“, детското списание „Ѕуница“, а имаме и радио и ТВ-емисии на македонски јазик. Има и други многубројни активности и манифестации, кои се во служба на ширењето на македонската култура, изучувањето на мајчиниот јазик и зачувувањето на нашите национални особености – истакнува Живко Стојановски, потпретседател на Националниот совет на Македонската заедница во Србија.

Стојановски, истовремено е и поет, а двете негови збирки „Спектар на љубовта“ и „Небото на дофат“ веќе се промовирани пред кривопаланечката јавност.

– Kривопаланечките корени и љубовта кон татковината ме врзуваат за родното место на моите предци, кое е застапено во моето поетско творештво. Во Србија, пак, секојдневно сум посветен на ширењето на македонската култура и одржувањето на македонскиот идентитет – вели Стојановски.

Извор:Дневник

 

 

Големина на фонт
Контраст