Одбележан патронот на кривопаланечката градинка „Детелинка“

Со свечена програма под мотото „Светот е поубав низ детските очи” во Крива Паланка беше одбележан патрониот празник на општинската јавна установа – детска градинка „Детелинка”. Пред преполната сала во НУ Центар за култура настапија вкупно петнаесет групи дечиња со ист толкав број кореографии од трите објекти на градинката: „Пролетна роса“, „Виножито” и „Поточиња”.

– Не верувам дека постои човек кој не сака да се наврати на најубавите години од животот, на детството, а токму низ ваквите настани во кои дечињата се главни учесници, шириме позитивна енергија, насмевки, радост, убави мигови, детска искреност, веселба и расположение.Благодарение на целокупниот кадар вработен во нашата установа, како и на трпеливоста на родителите и заедничките напори за правилно воспитување, раст и развој на дечињата, „Детелинка” бележи позитивно и успешно работење, а приредбата вечерва е само еден начин да ја презентираме нашата работа, изјави директорката Мирка Јакимовска.

Според неа, за успешно работење потребно е човек да биде опкружен со добар тим.

– Благодарение на сите мои вработени, кои го вложуваат целиот свој потенцијал во секојдневните активности, како и на одличната мрежа соработници, јавни институции и приватни компании, ние можеме да кажеме дека сме успешни и да продолжиме со работа и на воспитен план, но и на полето на подобрување на условите за работа и инфраструктурата, како и на нови проекти за доброто на дечињата и заедницата, додаде Јакимовска.

На вечерашната приредба настапија околу 250 дечиња, а имаше гости и соработници од јавниот живот од Крива Паланка, Ранковце, Кратово и Куманово.