Кошаркарките од Крива Паланка државни прваци до 14 години

Женската екипа на Кошаркарскиот клуб „Крива Паланка” е државен првак во конкуренција до 14 години. Титулата ја освои откако по апсолутната доминација во текот на целата сезона на вчерашниот финален турнир го освои првото место.

Завршниот турнир се одржа вчера во спортската сала „Бранители 2001″ во Крива Паланка, а учествуваа најдобрите четири женски екипи од генерација 2005/06 и помлади од кошаркарските клубови: „Трокал”, Кавадарци, „Патриот 2016″, Делчево, „Бадел 1862″, Скопје и домаќинот, КК „Крива Паланка”.
Екипите одиграа по еден полуфинален натпревар, по што во мечот за третото место разигруваа „Патриот 2016″, Делчево и „Трокал”, Кавадарци, а подобра беше екипата на кавадарчани.
Кривопаланечките кошаркарки по победата над Кавадарци се пласираа во финалето, каде ги надиграа врсничките од „Бадел 1862″, со резултат 63:42.
– Ова е голем успех најпрвин за нашите кошаркарки и нашиот клуб, круна на вложувањата, напорите и одрекувањата во оваа сезона, но е плод на сето сработено, целата посветеност во изминатите години.Ние како стручен тим во клубот работиме посветено, со целосна поддршка на секој член да се надградува и усовршува, што го прави тимот комплетен и компактен, учејќи ги дека тимската игра е она што не носи до победите, информира стручниот штаб на КК Крива Паланка.
За најкорисен играч на натпреварот е прогласена Алексовска Михаела, од КК Крива Паланка,  со постигнати 36 поени во финалниот натпревар и заслужено го освои МВП трофејот.
Медалите и пехарите ги доделија: претставници од Кошаркарската федерација на Република Северна Македонија, Томе Дислијев и Горан Трпчевски, градоначалникот на општина Крива Паланка, Борјанчо Мицевски и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски.
Од кошаркарскиот клуб Крива Паланка се заблагодарија на сите родители, на поддршката од локалните власти, од општествените чинители, од спонзорите и поддржувачи кои помогнаа и вчера да се организира беспрекорно и непречено финалниот турнир, но и овозможија да се реализираат сите предвидени натпревари во текот на целата сезона 2018/19.
Секторот за внатрешни работи Куманово, Отсек за превенција и Полициска станица Крива Паланка во соработка со Општината им дадоа  поддршка на најмладите за време на одржување на турнирот и на сите екипи учесници, тренерите и службените лица, судии и делегат, им доделија благодарници, поради промоција на позитивни вредности.
– Честитки и поддршка до најмладите кои во слободното време спортуваат и другаруваат и даваат се од себе да постигнат големи резултати, за што како дел од проектот кој го спроведуваме за заштита на најмладите од пороците на денешното модерно време на тема „Спорт да-дрога не”, доделивме благодарници и дипломи. И во иднина остануваме да се грижиме за безбедноста на најмладите во нашата општина, рече командирот на ПС од општа надлежност Крива Паланка.
Од КК Крива Паланка истакнаа дека до крајот на сезоната им претстои одигрување на финалниот турнир за девојки до 16 години каде како третопласирана екипа во регуларниот дел од сезоната изборија пласман во завршницата за медали. Овој турнир е предвидено да се одржи на 9 и 10 јуни годинава.
 
Големина на фонт
Контраст