Во НУ Центар за култура Крива Паланка премиера на „Украдениот дневник“

Во изведба на членовите на детското-драмско студио на Националната установа Центар за култура Крива Паланка  премиерно беше изведена театарската претстава за деца „Украдениот дневник”.
Текстот и режијата на претставата се на менторот и режисер, Глигор Цветковски и нуди едукација и смеа истовремено.
-На сцената настапија вкупно единаесет дечиња од помладата група, на возраст од 11 до 15 години кои за првпат се претставија пред поширок аудиториум, пред публика, а она што ме прави среќен и задоволен е успешната изведба, со исклучително позитивен повратен ефект од публиката. Јас како режисер сум презадоволен како делото оживеа на сцената и веќе се наѕираат неговите идни прикажувања на театарски сцени ширум републиката, изјави режисерот Цветковски.
Претставата е работена во изминатите пет месеци, а во претстојниот период е планирано да претрпи доусовршување и мали измени на сценариото.
-Ова е претстава за една мала хероина и нејзините другарчиња, а во неа се испреплетуваат лага и тага, лошо и добро, но победуваат вистината, добрината, правдината. Комична приказна во  која секој може да се пронајде себеси и детето во себе, што го носиме сите. Приказна за доблеста, чесноста и разликувањето на доброто и злото. Приказна која  укажува на грешките од кои треба да се учи, а не да се повторуваат. Преку перипетиите низ кои минува нашата мала хероина и нејзините соученици се отсликува секојдневието на децата во и надвор од училиштето во оваа весела и забавна, но и поучна претстава, додаде Цветковски.
Одговорните од НУЦК Крива Паланка најавија дека договорено е гостување на младите актери во неколку центри за култура во државата, а истата е испратена на неколку фестивали за младински и претстави за деца во и надвор од републиката.
Драмското студио на Центарот за култура од градот постои од 2007 година и секоја година продуцира по најмалку една претстава за деца и една за возрасни, така што досега членовите на студиото имаат подготено вкупно 12 претстави за деца.