Проект „Дете полицаец“

На ден 28.09.2011 година во Мала сала на Општина Крива Паланка e одржан состанок на која беше презентиран проектот „Дете-полицаец” од страна на СВР Куманово-Одделение за превенција.Овој проект се спроведува во соработка на полицијата со општината- одделенијата за образование и основните училишта.

Учесници во проектот се деца-ученици од второ одделение деветгодишно и шесто одделение осумгодишно образование.

Децата од второ одделение во рана фаза на проектот ќе подготват цртежи на тема безбедност во сообраќајот, кои во подоцнежната фаза на проектот ќе им бидат дадени на граѓаните кои ќе извршат ситни сообраќајни прекршоци, како препорака за поголемо внимание и почитување на сообраќајните правила и прописи.

Децата од шесто одделение ќе изработат состави и песнички на три теми дадени од страна на полицијата во врска со нивна посветеност и иницијативност за активности за безбедност на заедницата, а ќе се стекнат со можноста за еднодневна посета на полициската станица. При посетата ќе бидат запознаени со улогата и одговорноста на полицијата, главните безбедносни грижи во нивната заедница, значењето на сообраќајните знаци, регулирање на сообраќајот на крстосници.

Децата ќе добијат промотивен материјал меѓу кои и специјално дизајнирани маици и капчиња со полициско лого и слоганот „Дете-полицаец.

Опремени со овие материјали и цртежи децата ќе ги придружуваат сообраќајниците при проверка на возила каде што тие ќе набљудуваат како се спроведува контролирањето на сообраќајот.

Целиот овој настан ќе биде покриен од локални медиуми, а по можност и со медиуми кои се следат на државно ниво.

Со реализација на овој проект очекуваме зголемена доверба на децата во полицијата, намалување на бројот на деца жртви во сообраќајни незгоди, создавање на сообраќајна култура кај децата и нивно влијание врз однесувањето во сообраќај на возрасните.