Спуштена завесата на третото фестивалско издание

Синоќа ,со изведба на театарската претстава „Камен на мојата младост“ на Драмското студио при СОУ „Ѓорче Петров“ од Крива Паланка, се спушти завесата на третото издание на Меѓународниот театарски фестивал „Свети Јоаким Осоговски“.  

Кривопаланечката публика имаше  можност да ги види остварувањата на театрите  „Јазавац“ од Бања Лука, БиХ, „Акорд“ од Никшиќ, Црна Гора, „Невена Кокалова“ од Дупница, Бугарија, „Стерија“ од Вршац, Србија, „Ацо Шопов“ од Штип, „Скрб и утеха“  и Драмското студио при СОУ„Ѓорче Петров“ од Крива Паланка.

Овогодишен лауреат на наградата за животно дело е актерката Шенка Колозова.Родена е на 1 февруари 1947 во Добрево, Пробиштипско. Има дипломирано на Катедрата за јужнословенска книжевност. Како професионална актерка работи целиот свој живот. Пензионирана актерка е на Македонскиот народен театар од Скопје. Претходно има работела и во Народните театри во Штип и Куманово. Автор е на бројни сценарија и драматизации, меѓу кои и Цепенковите народни приказни. Одиграла над 100 премиери во споменатите три народни театри, и уште 16 премиери со приватниот театар „Колозов“. Има одиграно повеќе од 6000 претстави вкупно во сите овие театри заедно, не вклучувајќи ги и гостувањата во Велешкиот театар и други театри во Македонија. Најзначајни театарски ролји на Колозова се во претставите „Свирачот на покрив“, „За сите мои синови“, „Електра“ на Еврипид (во улогата на Клитемнестра), „Се за градината“, „Печалбари“ и други.

Во рамите на третиот Меѓународен фолклорен фестивал „Свети Јоаким Осоговски“ поставена е и ретроспективна изложба на фотографии од настапите на учесниците  на претходните две фестивалски изданија. Автор на изложбата, која е поставена во галерискиот простор на Н.У.Центар за култура, е фотографот Ѓорги Костовски  од Крива Паланка.