Ученици од ООУ „Јоаким Крчовски” во посета на основно училиште во Литванија

Во рамките на проектот „Иднина” од Еразмус + програмата, шест ученици од ООУ „Јоаким Крчовски” поминаа незаборавна недела во ОУ  „Меделино Прогимназија” во Шулеј, Литванија. Тие беа дел од наставата во училиштето, но и дел од литванските семејствата. Имаа можност да се запознаат со образовниот процес во Литванија и начинот на живот како во училиштето така и надвор од него на своите врсници. Освен што учествуваа во часовите и активностите во училиштето, учениците имаа и задача да направат истражување и презентации за еколошките проблеми во светот и како да се справиме со нив. 
Посетија многу интересни места како што се: градската библиотека каде ја видоа најголемата книга во Литванија, грнчарска работилница каде учеа како се прават грнчарски садови, посетија и воденица каде учеа да направат традиционален литвански леб. Исто така имаа можност да куглаат и да видат шоу со делфини, нешта кои засекогаш ќе останат во нивните сеќавања. Го посетија и главниот град на Литванија –  Вилниус, „Литванската Венеција”- Тракаи , како и Паланга и брегот на Балтичкото Mоре.
Сите наставници и ученици од земјите партнери беа примени во општината во Шулеј каде не запознаа со градот, неговата историја, сегашност и секако идните планови. Нашите ученици на претставникот од општината му пренесоа поздрави од нашата општина со надеж за идна соработка.
Учениците се вратија во Македонија со многу позитивни импресии и желба да се видат повторно со новостекнатите другари од сите земји партнери (Полска, Португалија, Турција и секако домаќинот Литванија).
„Им се заблагодаруваме на домаќините за прекрасниот пречек и организација и со нетрпение ги очекуваме во октомври во нашето училиште и нашиот град” – велат учениците.

Координатор на проектот
Тања Д. Шкрбиќ