Започна третиот меѓународен театарски фестивал „Свети Јоаким Осоговски“

Во Н.У.Центар за култура од Крива Паланка свечено е отворен третиот по ред Меѓународен театарски фестивал „Свети Јоаким Осоговски“, кој традиционално се одржува од 15-21 септември. На свеченоста присуствуваа претставници од Министерството за култура, доајенот на македонското глумиште, г-ѓа Милица Стојанова и други истакнати гости од Крива Паланка и од државата.

Театарскиот фестивал „Свети Јоаким Осоговски“ веќе има своја културна идентификација меѓу театарските збиднувања во регионот и се надеваме дека во идните години ќе прерасне во престижна европска сцена. Тој  се издвојува од останатите културни манифестации по својата особеност секоја година да промовира по некое големо актерско име, кое оставило трајни белези во театарската уметност на нашите простори, истакна градоначалникот на Крива Паланка, Арсенчо Алексовски во своето обраќање пред присутните.

Годинава, фестивалот беше отворен со ретроспектива на богатото актерско и драматуршко творештво на македонската актерка Шенка Колозова, која е овогодишен лауреат на наградата за животно дело. За нејзините актерски и авторски остварувања говореше писателот, театарски критичар и уметнички директор на Народниот театар „Ацо Шопов“ од Штип, г-н Трајче Кацаров, а претставувањето на Колозова  беше наградено  со огромен аплауз од публиката.

На првата фестивалска вечер настапи Културниот центар „Скрб и утеха“ со изведба на претставата „Џамалари Дионис“ во која настапија Тихомир Стојановски и Страшко Милошевски. Во наредните фестивалски денови, кривопаланечката публика ќе има можност да ги види остварувањата на театрите  „Јазавац“ од Бања Лука, БиХ, „Акорд“ од Никшиќ, Црна Гора, „Невена Кокалова“ од Дупница, Бугарија, „Стерија“ од Вршац, Србија, „Ацо Шопов“ од Штип и Драмското студио при СОУ„Ѓорче Петров“ од Крива Паланка.

Во рамите на третиот Меѓународен фолклорен фестивал „Свети Јоаким Осоговски“ поставена е и ретроспективна изложба на фотографии од настапите на учесниците  на претходните две фестивалски изданија. Автор на изложбата, која е поставена во галерискиот простор на Н.У.Центар за култура, е фотографот Ѓорги Костовски  од Крива Паланка.

Големина на фонт
Контраст